
Поранешниот светски шампион во тешка категорија, Ентони Џошуа, беше пуштен од болницата по страшната сообраќајна несреќа во Нигерија, каде што загинаа неговите блиски пријатели Сина Гами и Латиф Ајоделе. Џошуа преживеа за влакно, бидејќи само неколку моменти пред несреќата го замени местото со Латиф.
Ентони Џошуа ги загуби своите пријатели во трагедија што се случи додека престојуваше во земјата на неговото потекло, каде што планираше да ја дочека и 2026 година.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
За жал, на автопатот се случи стравична несреќа. Автомобилот, во кој патуваа Џошуа и уште тројца, удри во паркиран камион на патот, а смртно настрадаа тренерите Сина Гами и Латиф Ајоделе.
Џошуа помина со лесни повреди, како и возачот Аденији Моболажи Кајоде (47), кој беше уапсен по инцидентот. Кајоде се изјасни за невин на суд, но останува во притвор до 20 јануари, кога е закажано судењето.
Адвокатот на Кајоде, Олаекан Абиодун, откри дел од сведоштвото на неговиот клиент. Пред судирот, Кајоде побарал од Џошуа да се премести на седиштето зад него.
“Мојот клиент тврдеше дека не е виновен и дека сè било резултат на несреќа. Не сум завршил целосен разговор со него, но вели дека кочниците не биле исправни”, објасни Абиодун и додаде:
“Според моите информации, тргнале од Лагос, и Ентони седел на предното седиште. Кајоде го замолил да се премести позади затоа што му го ограничувал видикот. Ги замени местата со Латиф.”
Синот на возачот, Ифеолува Аденији, тврди дека неговиот татко не е љубител на брзото возење и дека кочниците откажале.
“Семејството е вознемирено од настанот. Жалиме за загубата на овие двајца луѓе”, изјави тој и додаде:
“Тато не е човек кој вози брзо. Се движел според прописите, но потоа кочниците откажале. Вели дека притискал на педалот, но ништо не се случило.”
“Се обиде да го избегне паркираниот камион, но безуспешно. Тој е добар возач и работи за Ентони веќе три години. Кога тргнаа од Лагос, Ентони седеше напред, но татко ми го замоли да се премести назад, бидејќи му го затвораше погледот.”
“Возеше Ентони да ја посети својата фамилија во Сагаму. Беа само неколку минути од куќата. Не е негова вина, камионот не требаше да биде паркиран таму.