
Македонската фудбалска репрезентација вечерва од 20:45 часот ќе го одигра еден од клучните натпревари во квалификациите за Светското првенство — против Казахстан. Победа е императив доколку сакаме да останеме во игра за првото место и директен пласман на Мундијалот.
Нашиот противник не е селекција со која често сме се сретнувале — досега имаме одиграно само два натпревари, и двата во наша корист.
Ќе го решиме проблемот со отпадот ако го гледаме како ресурс, а не како ѓубре! | Уште еден поткаст
Првиот дуел беше одигран во 2021 година, како дел од подготовките за историскиот настап на Европското првенство. Тогаш убедливо славевме со 4-0, со голови на Алиоски, Тричковски, Милан Ристовски и Чурлинов. Вториот меч се одигра во јуни годинава, во рамките на тековните квалификации, кога со голот на Александар Трајковски триумфиравме со 1-0 на гостински терен.
Иако резултатски беа поразени, Казахстанците оставија солиден впечаток — трипати ја погодија рамката од голот, а нашиот голман Димитриевски блескаше со неколку извонредни интервенции.
Македонија досега има перфектен биланс против Казахстан: две победи, без примен погодок. Останува надежта дека оваа позитивна низа ќе продолжи и по вечерашниот натпревар.