Дома Останати Авто Мото Со 65 учесници: Одржана втората „даунхил“ трка на прилепски Топташ

Со 65 учесници: Одржана втората „даунхил“ трка на прилепски Топташ

Во организација на клубот за екстремни спортови „Скајридерс“ денеска во Прилеп се одржа втората меѓународна „Даунхил“ велосипедката трка насловена како „Цевитана даунхил Топташ 2017“ на која учествуваа 65 учесници од Македонија, Црна Гора и Бугарија.

Трката што се одржа на месноста Топташ во близина на Прилеп беше долга околу 2 километри и засега е единствената ваква трка во Македонија.


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Гоце Таневски од Скопје вели дека организацијата и патеката се одлични.

– Со даунхил се занимавам пред се поради добрата забава и дружба. Иако спортот спаѓа во адреналинските спортови, не е многу екстремен и опасен, можеби на почеток, но потоа ти станува дел од тебе и вообичаена навика. Патеката е супер направена, мазна, песоклива, мазни карпи, одлична е за ваков вид возење, рече Таневски.

И учесниците од Црна Гора и од Бугарија беа задоволни од тоа како се одвиваше целиот натпревар.

– Дојдовме од Црна Гора, организацијата е одлична, задоволни сме од домаќините. Патеката е прилично тешка и треба доста да се внимава. Даунхил мислам дека годинава на целиот Балкан е во висок подем и наредната година ќе има уште повеќе вакви трки. Доколку некој сака да се занимава со овој спорт една просечна опрема, купена нова, за добро возење и добра заштита чини околу 3.000 евра, истакна Јован Бабовиќ, учесник од Црна Гора.

Александар Трифуновиќ од Црна Гора порача дека се максимално задоволни од се.

– Целиот живот го поминав во екстремни спортови, мото крос, велосипедизам, сега и даунхил, го сакам бидејќи зависам од адреналинот, рече Трифуновиќ.

За Антон Коларов од Бугарија патеката е добра и песоклива.

– Во квалификациите јас паднав и изгубив многу секунди, но се надевам дека тоа нема да го повторам во официјалниот дел на трката. Сакам да кажам едно големо браво за организаторите, рече Коларов.

Според организаторот, даунхил е вид на спорт со велосипеди кој кај нас моментално се уште е во развиток. Велосипедистите не се искачуваат нагоре по планината, туку со велосипедите се спуштаат надолу. Патеката „Топташ“ е исполнета со екстремни скокови и се вози по тешки терени и секции и е доста привлечна за љубителите на даунхил велосипедските трки.

– Со поддршка на општина Прилеп, „Витаминка“ и другите спонзори успеавме да ја реализираме оваа трка. Како клуб продолжуваме со организација на екстремните спортови, клубот досега ги негува натпреварите во мото крос, параглајдерство и даунхил и се надевам дека во иднина ќе привлечеме што е можно повеќе млади да се занимаваат со нив. Годинава има 50 отсто повеќе учесници од лани, некои возеле и светски купови и се надеваме дека наредната година ќе организираме уште поголем натпревар. Ова е единствен натпревар во даунхил кој се организира во Македонија, изјави Ѓорѓи Манчески, претседател на клубот за екстремни спортови „Скајрајдерс“

Натпреварот се одвиваше во три категории, и тоа од 18 години па нагоре, потоа јуниори и третата категорија е за велосипеди само со преден амортизер и назад со тврда вилушка. Овој спорт се развива во Прилеп 10-тина години за да кулминира со овие трки кои се организираа лани и годинава.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Авто Мото

Проверете

Еурофарм Пелистер ги пушти во продажба билетите за натпреварот со Висла

Oд редовите на Еурофарм Пелистер објавија дека од денеска стартува продажбата на билети за…