Рој Хоџсон ја предводеше репрезентацијата на Англија на Европското првенство во Франција минатото лето, но не се прослави баш најдобро.
Откако Англија отпадна во нокаут фазата, Хоџсон доби отказ, но сигурно дека ќе биде запаметен по своите неверојатни одлуки. Сигурно најголемата мистерија на навивачите на Англија, но и на љубителите на фудбалот е фактот дека Хоџсон на Европското првенство одлучи корнерите да ги изведува Хари Кејн.
Голгетерот на Тотенхем беше во неверојатна форма, но по чудните одлуки на селекторот на Англија не успеа да се докаже во Франција. Одлуката Кејн да изведува корнери многумина ги изнасмеа, но до денеска никој не ја знаеше причината зошто Хоџсон тоа го направи. Но, поранешниот селектор на Англија одлучи тоа да го открие на јавноста.
„Секогаш постои нешто за што треба да се зборува. Многу ме критикуваа тогаш поради одлуката, но никој не виде дека тоа и не беше така лошо. Кејн во таа сезона даде само еден гол од корнер, што е помалку од останатите. Тој е добар техничар, има добар центаршут и логична е одлуката што тој ги изведуваше корнерите“, изјави Хоџсон.
„Во казнетиот простор сакав играчи за кои знаев дека знаат да дадат гол од прекин, но Кејн не беше таков. Тоа е тактика и комплицирано е да се објасни тоа на луѓето кои не го разбираат. И денеска истото би го направил, бидејќи знам дека тоа беше вистинската одлука. Секогаш ќе ги има критичарите, без оглед на тоа што правите“, додаде Хоџсон.