Дома Фудбал Останато Македонија во ризик да нема терен и за Италија: Уште колку реновирања се потребни?!

Македонија во ризик да нема терен и за Италија: Уште колку реновирања се потребни?!

Пишува: Стефан Даскалов

Не би сакале да се случи, но според наши сознанија и разговор со човек кој добро ја познава ситуацијата одговорните се во сериозна трка со времето и цајтнот за натпреварот со Италија. Македонија ја пречекува Италија на 9. септември, а засега немаме стадион каде што би ги пречекале Италијанцита, па може да се случи репрезентацијата да биде домаќин на некој од терените во соседството.


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Националната арена „Тодор Проески“ е затворена од УЕФА поради ужасниот терен кој веќе неколку години наназад се прави и никако тој да биде на едно задоволително ниво. Во минатото можеби немавме убав и грандиозен стадион, но тревникот редовно бил одржуван и никогаш не бил во состојба како денес, а за ситуацијата да биде уште полоша проблемот се повторува, одново и одново…

Пред три години се реновираше тревникот за бараж полуфиналето против Косово, а тогаш од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор истакнаа дека изработиле терен кој ќе донесе долгорочен позитивен ефект.

„Во рамки на генералното реконструирање извадени се чепови за подобра дренажа на теренот, извршено е површно гребење за отстранување на коровот на тревата, пресеан е комплетниот терен со високо квалитетни семиња кои ќе обезбедат тревна подлога по сите светски стандарди, а површината е порамнета и со екстра фин песок и тресет за квалитетна основна подлога .Оваа комплетна реконструкција ќе донесе долгорочен позитивен ефект за формата,издржливоста и квалитетот на тревната површина, и ќе значи коплетна подготвеност на стадионот за претстојниот период кога треба да се одигра домашното фудбалско првенство, како и останатите меѓународните натпревари предвидени за периодот кој следува. Со ова, нашите спортисти ќе имаат беспрекорни услови за игра, како што впрочем им обезбедуваме со години наназад“,стоеше во нивното соопштение тогаш.

Но, тоа „долгорочно“, воопшто не беше долго. По само неколку одиграни натпревари повторно фудбалерите јавно истакнуваа дека теренот е ужасен за игра, реакции имаа и Романците со кои игравме само една година и четири месеци по тоаа реновирање по „светски“ стандарди.

И не беше тоа барање алиби за евентуален неуспех во натпреварот, затоа што и Стефан Ристовски по натпреварот, засрамен од теренот на кој се играл натпреварот мораше да им се извинува.

„Капитенот на Македоднија пред натпреварот ми се извини за лошиот терен. Навистина тој беше во очајна состојба. Не знам како Македонците играат на тој терен во борба за бодови за пласман на СП“, изјави по овој натпревар еден од најдобрите романски играчи Николае Станчиу.

Апелираше Ристовски и јавно за промена…

„Не сакам да барам алиби, но мора да се каже дека овој терен е навистина тежок за игра. За жал, кај нас по некои нешта ние место напред одиме назад, и добиваме очајни услови за игра тука. Тешко е тука да се бара игра и да се бара било каква креација на тактика и напредок во игра. На крај може да кажам дека само е добро што никој од нас не е повреден“, зборуваше капитенот.

Поплаки за условите за игра имаше и пред натпреварот против Бугарија пред 11 месеци во Лигата на Нации. Тогаш теренот се чуваше цел месец, а на крајот повторно фудбалерите немаа нормални услови за игра. Ситуацијата со теренот тогаш ја потврди селекторот Благоја Милевски.

„Теренот не е во многу добра состојба. На мое барање стадионот триесет дена не се користеше, но пак не е добар за игра“, изјави селекторот на прес-конференцијата пред тој натпревар.

ТЕРЕНОТ ПРЕД БУГАРИЈА

Во мај оваа година пред финалето од Купот на Македонија повторно се правеше некакво санирање и тоа траеше уште покрактко, би можеле да кажеме и рекордно кратко.

Струга Трим Лум и Македонија Ѓорче Петров играа на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ со цел теренот да биде подобро подготвен за натпреварот против Украина. Таа „саниција“ издржа само три натпревари.

Македонија ја пречека Украина во квалификациите, а Шкендија и Шкупи ги пречекаа своите противници во квалификациските натпревари. Шкендија играше против аматерскиот тим на Хавердфорест од Велс, Шкупи против Левски.

Токму, од Левски имаа сериозни забелешки за условите за игра. Бугарски „Гонг“ тогаш објави видео од условите на теренот и предупреди дека тоа може да биде проблем за течната игра, но доста посурови беа реакциите од навивачите на Левски.

Откако клубот објави фотографии од одработениот тренинг, навивачите на Левски најчесто повторуваа само еден збор, односно го нарекоа „нива“ теренот на националната арена „Тодор Проески“. Колку и да не ни беше мило и драго за таквите коментари сепак беа во право.

Сите овие игри со теренот и непрофесионално работење доведоа до ситуација да реагира и УЕФА, па така Струга ако се пласира во плеј-офот од Конференциската лига ќе нема каде да игра и веќе е потврдено дека во таква ситуација домаќини би биле во Елбасан. Да, македонскиот шампион ќе нема терен за игра и ќе треба да игра во соседството и за таа ситуација веројатно никој нема да понесе одговорност.

Не би сакале да се случи, но според наши сознанија и разговор со човек кој добро ја познава ситуацијата одговорните се во сериозна трка со времето и цајтнот за натпреварот со Италија. Македонија ја пречекува Италија на 9. септември, а засега немаме стадион каде што би ги пречекале Италијанцита, па може да се случи репрезентацијата да биде домаќин на некој од терените во соседството.

Исто така, многу е веројатно дека и да стигнеме да играме со Италија тука, сето тоа ќе биде привремено бидејќи нема многу време и теренот ќе мора одново да се реновира.

Сето ова не доведува во ситуација да прашаме – уште колку реновирања ќе бидат потребни некој да сфати дека нешто не е во ред?

СЕГАШНАТА СИТУАЦИЈА

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Останато

Проверете

Вокер жртва на напади, Сити застана во негова одбрана

Кајл Вокер беше цел на напад на навивачите на Сити. Англискиот репрезентативец на социјалн…