Фудбалерите на Германија ја совладаа репрезентацијата на Шкотска со 5:1 во првиот натпревар на Европското првенство.
Стрелец на водечкиот гол за Германија беше Флоријан Вирц во 10. минута. Предноста на Германците ја удвои Џамал Мусиала во 19. минута, а за 3:0 стрелец беше Каи Хаверц од пенал во првата минута од судиското продолжение во првото полувреме. Никлас Фулкруг погоди за 4:0 во 68. минута.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Шкотите го намалија резултатот на 4:1 во 87. минута со автоголот на германскиот дефанзивец Антонио Рудигер, а потоа Емре Џан ги постигна конечните 5:1 во 93. минута и со тоа на Германија и ја донесе најубедливата победа во настапите на Европските првенства, а ова беше и најголемата победа на една екипа на отворањето на ЕП.
Нагелсман изненаден од слабата Шкотска
Селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман беше воодушевен од играта на својата репрезентација, особено во првото полувреме и призна дека не очекувал дека Шкотска ќе биде толку слаба.
„Среќен сум. Не е лесно да се игра првиот меч на ЕП на домашен терен – се истакнавме во првите 20 минути. Примивме гол, но тоа не е важно. Морам да признаам дека бев малку изненаден од настапот на Шкотска. Очекував да бидат многу поагресивни во првите 20 минути. Мислам дека беа изненадени од нашиот посед и концентрација. Се бранеа подлабоко и не вршеа притисок како во квалификациите“, изјави тренерот на Германија.