Во дербито на англиската Премиер лига, Ливерпул на „Енфилд“ го пречека Манчестер Сити, а дуелот заврши со поделба на бодовите (1:1) што најмногу му одговараше на Арсенал, кој со тоа останува лидер на табелата.
Натпреварот го одбележаа два гола, некои контроверзни судиски одлуки и последната пресметка меѓу Клоп и Пеп Гвардиола во Англија, бидејќи Германецот најави дека ги напушта „Црвените“ на крајот од сезоната.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Сити поведе со голот на Џон Стоунс, а во продолжение Алексис Мек Алистер од пенал му донесе на Ливерпул 1:1. После тоа неколку одлични прилики за домашните фудбалери, но свои шанси имаше и Сити преку Доку и Фоден.
Клоп смета дека второто полувреме на неговиот тим беше најдобрата претстава против Сити откако е во Англија.
„Сензационално! Во првите 10 минути бевме малку изгубени бидејќи Манчестер Сити беше подиректен, но второто полувреме дефинитивно е најдоброто што сме го одиграле против Сити. Имаа статива, но моравме да постигнеме два-три гола. Фантастичен фудбалски натпревар. Воодушевен сум!“, изјави Клоп по натпреварот и додаде:
„Според мене, денеска докажавме дека апсолутно заслуживме да бидеме таму каде што сме. Ќе се бориме за титулата и ќе видиме што ќе добиеме на крајот… Мислам дека никогаш не сум видел Сити да игра толку тешко како денес. Бевме фантастични. Играта е мајка на сите резултати и треба само да продолжиме со добрите работи што ги направивме денес“.
За стартот на Доку над Мек Алистер рече: „Тоа беше пенал 100 проценти! Според сите фудбалски луѓе на планетата. Тоа е стопроцентен фаул на кој било дел од теренот и веројатно жолт картон. Сите луѓе кои ја гледаа снимката кажаа дека тоа е чист пенал. Но знам дека ќе ни најдат некое објаснување… Можеби ќе се кријат зад објаснувањето и фразата дека не била очигледна ситуација за гол. Секако дека беше пенал, но не го реализиравме и продолжуваме понатаму. За мене најважно е да продолжиме да играме ваков фудбал. Видов неколку фантастични изданија од моите играчи денес. Сите беа спектакуларни“.