ЛИГАТА НА ШАМПИОНИ претрпе револуционерна промена оваа сезона. По 33 години во кои основниот дел се играше по групи, Лигата на шампионите станува вистинска лига. Од овој септември сите 36 клуба ќе играат по лигашки систем.
Сепак, синоќа беше откриено дека ова не е единствената промена што ја претрпе најатрактивното и најпрестижното клупско фудбалско натпреварување.
На првите натпревари од последното прелиминарно коло во Лигата на шампионите, на стадионите на Јанг Бојс, Малме, Митјиланд и на привремениот Динамо Киев можеше да се слушне дека најпознатата фудбалска химна за прв пат е сменета откако беше промовирана во 1991 година.
Промените не се големи, но предизвикаа огромни контроверзии. Текстот на химната, отпеан на англиски, француски и германски, официјални јазици на УЕФА, остана непроменет. Но затоа беа сменети акордите и легендарната мелодија, која беше забрзана во однос на оригиналот, а на неа беа додадени и ефекти.
Иако симболот на Лигата на шампионите претрпе многу помалку промени од самото натпреварување, љубителите на фудбалот се револтирани од новата верзија на старата и обожавана химна. „Ја сменија химната на Лигата на шампионите. Фудбалот официјално е мртов. Почивај во мир“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.