ГЕРМАНСКИОТ третолигаш Сарбрукен приреди сензација во 2.коло од Купот на Германија, совладувајќи го Баерн со 2:1.
Избраниците на Томас Тухел се мачеа во текот на целиот натпревар и покрај тоа што поведоа во 16. минута со голот на Томас Милер.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Патрик Сонтхајмер го започна пресвртот на германскиот нисколигаш со гол во првата минута од судиското надополнување, а конечните 2:1 ги постави Марсел Гаус со гол во 96. минута.
Последен пат кога Баерн беше елиминиран во Купот на Германија од екипа која во тој момент играше во 3-та или пониска лига беше пред точно 23 години (01.11.2000).
„Не можам да верувам, тоа е лудост“, изјави голманот на Сарбрукен, Тим Шрајбер за АРД. „Да ни кажеше некој тоа на денот на ждрепката, ќе мислевме дека е луд. Едноставно феноменално. Лудница“.
Само што заврши натпреварот, германските медиуми ги нападнаа Тухел и Баварците. Тамошните најсилни портали се натпреваруваа да го почестат шампионот на Германија со најпогрдни зборови. Спорт 1 својот текст го наслови со зборот „Срамота“, „Билд“ со сличен наслов „Очаен Баерн и голем срам“, а Кикер излезе со наслов „Лудница во Сарбрукен“.