
Ракометниот клуб Вардар ги одбројува последните денови до почетокот на новата сезона, а подготовките се во полн ек. Тимот веќе објави и промотивно видео со кое го претставува новиот дрессот за новата сезона.
Во духот на јубилејната година, кога клубот слави 65 години постоење, Вардар направи спој на минатото и сегашноста. Дел од видеото се некои од најголемите легенди како Столе Петрушевски и Ацо Станковски, кој денес е тренер на Куманово, а свое место имаат и најверните навивачи – „Комити“. Кадрите се снимени на неколку препознатливи локации во Скопје, меѓу кои скопското „Кале“, плоштадот „Македонија“ и СЦ „Јане Сандански“, домот на Вардар.
Дејан Јакимовски: Ни ФИФА не веруваше дека ќе стигнеме на време со ВАР системот | Уште еден поткаст
„Во пресрет на јубилејната година, кога РК Вардар 1961 го прославува 65 роденден, со огромна чест ви го претставуваме новиот дрес на клубот за наредните две сезони. Скопското Кале, тврдината на градот Скопје, симбол на издржливоста, на приказната која со децении, со многу труд и емоција ја имаат создавано и се уште ја создаваат генерации на ракометни легенди, спортски работници и навивачи, како и црвено-црните риги, нашиот препознатлив заштитен знак, на секој натпревар, дури и во најтешките моменти нека ги потсетуваат ракометарите на теренот на големината и на славната историја на клубот. Нека им бидат поттик и патоказ кон враќањето на тронот!“, соопшти клубот.
Промоцијата на новиот дрес, освен што буди емоции кај фановите, е и силен сигнал за амбициите на тимот во новата сезона. По засилувањата во текот на летото и со нов тренер на кормилото, Вардар најавува битка за враќање на приматот во македонскиот ракомет, како и за нови подвизи на меѓународната сцена. Сезоната ќе ја започне со мечот од Суперкупот на Македонија, на 3 септември, против големиот ривал Пелистер.