
Шестмина кошаркари со двоцифрен број поени и водство од почеток до крај – Турк Телеком со убедливи 95-78 го совлада ТОФАШ во деветтото коло од турското кошаркарско првенство. За тимот од Анкара ова беше седма победа во девет настапи.
Домаќините уште во првата четвртина направија предност од 29-21, а на паузата заминаа со 50-39. ТОФАШ во последниот период влезе со негатива од десет поени (72-62), но Турк Телеком не дозволи пресврт и до крајот ја зголеми разликата на 17 поени.
Џерик Хардинг го предводеше победничкиот состав со 22 поени, пет скока и четири асистенции. Шекил Мекисик додаде 14 поени и три асистенции, а Урош Трифуновиќ исто така постигна 14 поени. Ѓоктуг Баш заврши со 11 поени, два скока и четири асистенции, Крис Бенкстон со 11 поени и четири скока, додека Тони Тејлор запиша 10 поени и три асистенции.
Кај ТОФАШ се издвои Трешон Турман со 20 поени, пет скока и две асистенции. Шавар Рејнолдс Џуниор имаше 18 поени, три скока и три асистенции, а Брајс Џонс придонесе со 10 поени и три асистенции.
ТОФАШ сега има пет порази по девет кола, а следен противник ќе му биде Галатасарај на домашен терен. Турк Телеком, пак, во наредното коло гостува кај Анадолу Ефес.
Фото: Dikkülah / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0