
Лука Дончиќ остана збунет од потегот на еден од судиите на натпреварот меѓу Лос Анџелес лејкерс и Јута. На полувремето, арбитарот тргна кон словенечкиот кошаркар, но негов колега го задржа и го спречи да стигне до него.
Токму оваа сцена привлече големо внимание на социјалните мрежи, каде што почна да се споделува снимката од случувањето. Дончиќ ја следеше ситуацијата со видлива збунетост. Иако често влегува во расправии со судиите за нивните одлуки, овојпат во фокусот беше однесувањето на арбитарот.
За Лејкерс, необичниот момент не беше единствената непријатност на средбата. Јута победи со 109:97 и ја запре нивната низа од девет последователни победи.
Најзаслужен за изненадувањето беше Кејонте Џорџ, кој го предводеше победничкиот состав со 30 поени и 10 асистенции. Дончиќ, пак, го заврши натпреварот со 29 поени, пет скока и седум асистенции, но неговиот учинок не беше доволен за продолжување на победничката серија.
И покрај поразот, тимот од Лос Анџелес го задржа првото место во Западната конференција со биланс од 13 победи и три порази. За Јута ова беше дури трет триумф во сезоната, во која има и 13 порази.