
Ерлинг Халанд е новиот број еден во рангирањето на „Скај спортс“ за најдобрите фудбалери во Премиер лигата. Бруно Фернандеш, кој претходно го држеше врвот, сега е надвор и од најдобрата десетка – на 11. позиција.
Листата е составена врз основа на оценките на новинарите и репортерите на медиумот. Тие рангирале 40 кандидати, а просекот од нивните гласови го одредил конечниот избор на 25 имиња.
Халанд напредувал за три места во однос на мартовското рангирање. Во тој период постигнал 14 премиерлигашки гола, речиси двојно повеќе од следниот фудбалер според овој показател.
Веднаш зад напаѓачот на Манчестер сити се тројца играчи на Арсенал: Деклан Рајс останува втор, Давид Раја е трет, а Габриел Магалјаеш четврти. Раја има 55 натпревари без примен гол во лигата од дебито за Арсенал, најмногу меѓу голманите во тој период. Габриел, пак, со 21 погодок е најефикасниот дефанзивец во натпреварувањето од сезоната 2020/21.
Првата петорка ја затвора Морган Роџерс, кој добил пет позиции во споредба со март. Уште поголем скок направил Елиот Андерсон: со напредок од 12 места стигнал до осмата позиција, а сезонава е водечки меѓу играчите од средниот ред според успешни додавања и добиени дуели.
Рајан Шерки е седми, со учество во гол на секоја 81 минута – втор најдобар просек меѓу фудбалерите со најмалку 500 одиграни минути. Деветтопласираниот Жоао Педро, пак, од почетокот на минатата сезона има 20 гола и вкупно 28 учества во погодоци за Челси во Премиер лигата.
- Ерлинг Халанд
- Деклан Рајс
- Давид Раја
- Габриел Магалјаеш
- Морган Роџерс
- Вилијам Салиба
- Рајан Шерки
- Елиот Андерсон
- Жоао Педро
- Мартин Одегард
- Бруно Фернандеш
- Александер Исак
- Кол Палмер
- Букайо Сака
- Вирџил ван Дајк
- Мојсес Каиседо
- Паскал Грос
- Доминик Собослаи
- Езри Конса
- Антоан Семенјо
- Жереми Доку
- Морган Гибс-Вајт
- Рикардо Калафиори
- Бруно Гимараеш
- Алисон