
Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне, им понуди јавно извинување на ѕвездата и претседателот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор и Флорентино Перез.
Симеоне го изрази своето жалење во понеделникот, извинувајќи им се на Винисиус и Перез за своето однесување за време на полуфиналето од Шпанскиот Суперкуп.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
Имено, во првото полувреме, Симеоне беше раздразнет од симулацијата на Винисиус кој беше казнет за фаул и пристапил до тач-линијата. Според коментарите на Movistar, му довикнал: “Флорентино ќе те отпушти, запомни што ти велам!”, а подоцна, во 81-та минута, додека напаѓачот на Реал Мадрид го напушташе теренот, повторно се случи вербален судир меѓу Бразилецот и Аргентинецот.
Винисиус му се обрати на Симеоне, а тренерот на Атлетико му одговори покажувајќи кон трибините, истакнувајќи да ги слушне свирежите од навивачите на Реал.
“Би сакал да се извинам на господинот Флорентино и на господинот Винисиус за настанатото. Очигледно е дека мојата реакција не беше соодветна и признавам дека не постапив правилно”, изјави аргентинскиот стратег на прес-конференцијата што ја одржа по утринскиот тренинг.
Симеоне исто така додаде дека Барселона сосема заслужено го освои Суперкупот.
“Барселона е екипа со извонредни играчи, одличен тренер со многу јасни идеи и тим кој следи јасно дефинирана играчка филозофија. Резултатите и трофеите што ги освојуваат го потврдуваат ова”, изјави Симеоне.