
Фудбалерите на Силекс без многу драма ја потврдија фаворитската улога и со сигурна победа од 0-3 (0-1) над Детонит Плачковица обезбедија место во полуфиналето на Куп на Македонија. Второлигашот формално беше домаќин во Кратово, но на теренот разликата во квалитет беше очигледна.
Уште од првите минути кратовчани го наметнаа својот ритам и ја презедоа иницијативата, додека радовишани се фокусираа на дефанзива и ретко се осмелуваа да излезат напред. Првата посериозна закана резултираше со водство во 30. минута – по ударот на Мишов кој заврши во пречката, најснаодлив беше Додев и од одбиената топка ја затресе мрежата за 0-1.
Спорт што не познава граници - Street Workout Macedonia | Уште еден поткаст
До паузата Силекс можеше и да ја удвои предноста, но Алиќ не успеа да ја круниса одличната асистенција на Додев, па резултатот остана непроменет.
Во второто полувреме избраниците на Александар Васоски контролираа без да форсираат високо темпо. Детонит немаше конкретен одговор, а прашањето на победникот практично беше решено во 63. минута кога Дарко Ангелески прецизно стрелаше за 0-2.
За крај Португалецот Пире искористи една мешаница во шеснаесетникот и со сигурен удар зголеми на 0-3, резултат со кој се покажа и како конечен.
Ќе потсетиме, вчера видовме две изненадувања во Купот бидејќи Шкендија Арачиново го елиминираше Работнички, а Охрид кој сега ќе се соочи со Силекс беше подобар од лидерот на табелата во Првата лига, Вардар.
Последниот полуфиналист треба да го добиеме од средбата помеѓу Шкендија и Струга која е закажана за 18 март.