
Наоми Осака го заврши настапот во Токио порано од очекувањата. Јапонската гренслем-шампионка беше елиминирана во второто коло, откако 18-годишната Миа Поханкова од Словачка ја совлада со 6:3, 7:5.
Разликата во искуството не ја поколеба 144. тенисерка на светската ранг-листа. Против седмата носителка на турнирот, Поханкова успеа да го сврти текот на првиот сет, а во вториот да ги издржи нападите на домашната тенисерка и да го зададе решавачкиот удар во завршницата.
Почетокот, сепак, не навестуваше ваков исход за Осака. Јапонката прва стигна до брејк, но предноста брзо ја загуби. Во следните седум гема освои само еден, додека Поханкова го подигна нивото на својот сервис и го презеде водството во сетови.
Осака имаше шанси да го промени правецот на мечот во вториот сет. Речиси секој сервис-гем на Словачката носеше проблеми за младата тенисерка, но Јапонката не успеа да ги претвори тие можности во брејк.
Одлуката падна во 12. гем. Наместо сетот да влезе во тајбрејк, Поханкова ја искористи својата единствена брејк-топка во вториот сет и со тоа го затвори мечот. По нешто повеќе од час и половина игра, тинејџерката обезбеди победа без загубен сет, а домашната публика остана без Осака во продолжението на турнирот.
Фото: Hameltion / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0