
Тиквеш и Македонија ЃП ги приредија најголемите возбудувања во куповското осминафинале: кавадарчани го победија Вардар со 3:1, а ѓорчепетровци надоместија два гола негатива против Брегалница и славеа на пенали. Скопскиот пораз доби и продолжение надвор од теренот, бидејќи Вардар најави жалба поради наводно неправилен настап на противнички фудбалер.
Сите четири гола во дуелот Вардар – Тиквеш паднаа по паузата. Виздом Окере ја отвори серијата во 49. минута, а Бобан Николов израмни во 58. Гостите повторно поведоа преку Н’Фанли Сила во 62. минута, пред Тохиб Лавал во 75. да ги постави конечните 1:3. За Тиквеш ова е уште еден успешен куповски настап, по триумфот од 13:0 против Крошу Спорт Битола на 6 октомври.
Во Ѓорче Петров, Брегалница со головите на Иван Николов и Иван Глигоров замина на одмор со 2:0. Борјан Томовски ја врати надежта кај домаќините, а Бесмир Исмани од пенал во 89. минута обезбеди 2:2. Македонија ЃП ги реализираше сите пет удари во пенал-серијата, додека Иван Стоилковски го запре обидот на Матеј Ангелов за конечни 5:4.
Ѓорчепетровци во ова коло влегоа по убедливите 14:0 против Влазними Јуниор на 2 септември, но овојпат мораа да минат низ далеку потежок тест. Брегалница, пак, претходната куповска пречка ја помина со победа од 4:1 над Тетекс.
Работнички ја совлада Саса со 3:2 благодарение на хет-трикот на Александар Богданоски, чиј трет погодок во 80. минута го реши натпреварот. Марјан Радески двапати погоди за струшките 2:0 против Беласица, Скопје со 1:0 го елиминира Новаци, а Шкендија 77 со 2:0 беше подобра од Башкими.
Куповската осминафинална програма ќе продолжи и на 25 ноември, кога Брера Струмица треба да го пречека Арсими од 13 часот. Средбата е одложена поради настапот на младинскиот состав на Брера во младинската Лига на шампионите.
Фото: Архива