
Фудбалерите на Шкендија вечерва во Баку ќе го одиграат реваншот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите против азербејџанскиот шампион Карабах, во битка за пласман во плеј-офот од елитното натпреварување.
Тетовци во престолнината на Азербејџан пристигнаа со негатива од еден гол по поразот во Скопје, но со оптимизам дека можат да направат резултат кој ќе ги однесе чекор поблиску до сонот – групната фаза. Иако Карабах извојува победа на првиот дуел, на теренот не покажа непремостлива надмоќ, па избраниците на Јетон Беќири веруваат дека можат да приредат изненадување.
ВАР во македонскиот фудбал – Разговор со Дејан Јакимовски | Уште еден поткаст
Учеството во оваа рунда веќе им носи загарантирани околу пет милиони евра и најмалку настап во Конференциската лига, но влез во плеј-офот за ЛШ би значел и значително поголем финансиски приход, како и сигурно место во групната фаза на Лигата на Европа – патека по која пред неколку години одеше и Вардар.
„Карабах е силен и искусен тим, не очекува тежок натпревар. Ќе дадеме сѐ од себе да постигнеме гол. Во Скопје загубивме по несреќна грешка и пенал, но имавме и свои шанси. Во реваншот ќе бидеме поагресивни и ќе нападнеме повеќе“, рече Беќири, посочувајќи дека домашниот тим имал еден ден повеќе за одмор, но дека неговите фудбалери се подготвени и за продолженија, доколку биде потребно.
Во случај на пласман понатаму, Шкендија во плеј-офот би играла со победникот од двомечот меѓу Лудогорец и Ференцварош, додека во сценарио на пораз во Баку, тетовскиот клуб би продолжил во плеј-оф за Лига Европа со истите потенцијални ривали.
Денешниот меч во Баку започнува во 18:00 часот по македонско време.