Екипата на Шкендија синоќа со голема доза на борбеност и преку продолженија славеше со 2-1 против ТНС од Велс, што значи не само пласман во втората рунда од квалификациите за Лигата на шампионите, туку и значителен финансиски ќар за тетовскиот клуб. Веќе со настапот во првото коло, Шкендија инкасираше 300.000 евра од УЕФА, а преминувањето во втората квалификациска фаза ѝ носи дополнителни 400.000 евра. Со тоа, македонскиот шампион досега има обезбедено 700.000 евра, но заработката би можела да продолжи и во случај на елиминација од романска Стеауа. Во такво сценарио, Шкендија ќе продолжи во третото квалификациско коло од Лига Европа, што ѝ гарантира уште 550.000 евра. Доколку и таму биде поразена, патот продолжува во плеј-офот за Конференциската лига, каде што УЕФА обезбедува дополнителни 460.000 евра. Сумирано, дури и со три порази во наредните рунди, клубот од Тетово може да се надева на вкупна заработка од најмалку 1.710.000 евра – и тоа без да се пресметаат приходи од продажба на билети, спонзорства и телевизиски права.