
Горан Пандев, кој денес ја извршува функцијата директор во македонската репрезентација, гостуваше во подкастот на Фудбалска федерација на Македонија каде отвори повеќе теми поврзани со националниот тим.
Една од нив беше и настапот на Европско првенство 2020 (одржано во 2021), на кое Македонија за првпат настапи на едно големо натпреварување. Пандев повторно ја истакна својата висока оценка за таа генерација, потенцирајќи дека според него станува збор за најквалитетниот состав во историјата на македонскиот фудбал.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
„Таа генерација беше нашата најдобра и уште го мислам, ние и без тренер на клупа ќе се пласиравме на Европското првенство, каде што дури и ќе одигравме подобро. Ние на тоа првенство отидовме таму и толку, како да не треба повеќе да играме. Највиновен за тие резултати е селекторот, знаеме кој секогаш одговара за резултатите било во клуб или репрезентацијата.
Ние игравме кастрофално според мене, за мене тоа е најдобра генерација како што кажав и да не направиш резултат на тоа првенство, да изгубиш од Австрија и Украина…можевме да одиграме многу подобро ако бевме подобро тактички и ментално подготвени. Ние се базиравме само на индивидуален квалитет, не видов дека ги подготвуваме натпреварите тактички како што било случај со други тренери каде што сум бил. Ние таму отидовме како растурена банда.
Припремите беа кастрофални, а јас се водам по тоа „како тренираш, така играш“, едноставно го немаше тоа што е потребно, знаев дека така ќе заврши. Да се вратам назад на некои луѓе ништо не би помогнал, мојата добрина многу луѓе ја искористија и некои работи поинаку ги кажуваа само за свој интерес. Јас сум горд за тоа што сум помогнал и што сум направил“, истакна Пандев.
Покрај освртот на минатото, Пандев се осврна и на актуелната состојба во репрезентацијата, изразувајќи поддршка за новиот селектор Гоце Седлоски.
„Долги години играв со него во репрезентацијата, тоа е човек што не сака да губи и мислам дека заслужи да биде селектор со тоа што направи и како играч и како тренер. Човекот е победник и верувам дека тоа ќе го докаже на теренот“, истакна поранешниот капитен.