
Ракометната федерација на Македонија ја извести јавноста дека продолжува соработката со селекторот на машката сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со цел да се обезбеди континуитет и развој на македонскиот ракомет.
Претседателот на федерацијата, Александар Стефанов, истакна дека договорот е потпишан до 2029 година и дека стабилноста е клучна за напредокот на националниот тим.
До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст
„Официјално ја продолживме соработката со селекторот на нашата машка сениорска репрезентација, Кирил Лазаров, со договор до 2029 година.
Веруваме дека континуитетот и стабилноста се клучни за напредокот на националниот тим и македонскиот ракомет во целина. Се надеваме на успешна и плодна соработка во наредниот период, во кој со заеднички труд, посветеност и јасна визија ќе продолжиме да остваруваме добри резултати и да го развиваме нашиот спорт“, изјави Стефанов.
Селекторот Лазаров, кој важи за еден од најголемите ракометни имиња во Македонија, истакна дека е горд на довербата која му е укажана и дека очекува сериозна работа и резултати во наредниот период.
„На заедничко задоволство ја продолживме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Водењето на национален тим, поготово на својата земја, е голема чест и одговорност. Благодарен сум за укажаната доверба и поддршка.
Пред нас е период исполнет со сериозна работа, јасни цели и високи очекувања. Со заеднички труд, дисциплина и целосна посветеност ќе продолжиме да работиме на напредокот на националниот тим и достоинствено претставување на Македонија, со фокус на стабилност и резултати на долг рок“, изјави Лазаров.
Со ова, македонскиот машки ракомет добива јасна стратегија и континуитет, а федерацијата очекува силни резултати на меѓународната сцена во следните години.