
Одличните настапи на Никола Рогановиќ во дресот на Гумерсбах добија непосакуван прекин. Клубот потврди дека младиот шведски репрезентативец има стрес-фрактура на метатарзална коска во стапалото, поради која го очекува пауза од пет до шест недели.
За тренерот Гудјон Валур Сигурдсон ова е сериозен удар врз нападот. Рогановиќ е најдобриот стрелец на екипата, а уште во својата дебитантска сезона во германската Бундеслига успеа да стане еден од нејзините клучни ракометари.
Колку значи неговиот придонес покажуваат две особено ефикасни изданија. Против Мелсунген постигна дури 15 гола, а потоа беше меѓу главните адути и во тесната победа над Фленсбург од 31:30, во која ја погоди мрежата 12 пати.
Со таквите настапи, младиот бек со балкански корени се вброи меѓу водечките стрелци во германското првенство. Наместо продолжување на голгетерската серија, сега му претстои период на закрепнување.
Рогановиќ не е единствената грижа за стручниот штаб на Гумерсбах. Кај Смитс има проблеми со грбот, додека црногорскиот репрезентативец Милош Вујовиќ е надвор од составот поради мускулни проблеми. Двајцата го пропуштија бундеслигашкиот дуел со Гепинген.
Отсуството на водечкиот стрелец дополнително ги стеснува можностите на Сигурдсон, во период во кој Гумерсбах веќе се соочува со повеќе повредени ракометари.
Фото: Handball-Planet