
Враќањето на Лионел Меси во Њуелс олд бојс повторно стана тема во Аргентина, но Фабрицио Романо тврди дека во моментов нема преговори за таков трансфер. Според неговите информации, 39-годишниот напаѓач е задоволен во Интер Мајами и не планира предвреме да ја заврши американската етапа од кариерата.
Повод за шпекулациите беше објавата на аргентинскиот новинар Гонзало Калвиџони, кој тврдеше дека Меси никогаш не бил поблиску до враќање во матичниот клуб. Како можен термин за преселбата беше посочен јануари 2027 година, со идеја токму во Њуелс да ја заврши кариерата.
Романо, пак, објави поинакви информации: Меси и неговото семејство се среќни во Мајами, а фудбалерот сака да го испочитува договорот што трае до крајот на 2028 година. Според него, не е исклучено Лео да остане и подолго, но за тоа ќе се одлучува подоцна.
Желбата на Њуелс да го врати Меси не е нова, но таа засега не значи и постигнат договор. Потпретседателот на клубот од Росарио, Хуан Мануел Медина, уште во февруари потврди дека се подготвува проект за негово доведување во првата половина од 2027 година. Ниту тогаш немаше договор.
Меси минатата година ја продолжи соработката со Интер Мајами до крајот на 2028 година. Во клубот на Дејвид Бекам пристигна во 2023 година, а минатата сезона со него ја освои титулата во МЛС.
Њуелс има посебно место во неговата фудбалска приказна: таму ги направи првите чекори и за клубот навива од детството. Во 2000 година, како 13-годишник, замина во академијата на Барселона, Ла Масија, без да заигра за првиот тим на аргентинскиот клуб.
Настапот за сениорскиот состав на Њуелс останува негова долгогодишна желба. Сепак, според актуелните информации на Романо, планот сега е продолжување на кариерата во Мајами, а не јануарска преселба во Росарио.
Фото: Nicolasviano21 / Wikimedia Commons, CC0