
Едни фелни за најбрз круг, други за трката? ФИА реши навреме да ја затвори таа можност во Формула 1. Со измените на правилата за 2027 година, екипите ќе мора да ја задржат истата спецификација на предните и задните фелни од квалификациите до трката.
Одлуката ја одобри Светскиот совет за мотоспорт оваа недела, а нејзината цел е да спречи нова трка во трошење. Загриженоста била дека тимовите би можеле да вложуваат значителни средства во два различни дизајна: еден за максимален ефект во еден брз круг и друг за подолготрајно одржување на гумите во тркачки услови.
Причината лежи во температурата на пневматиците. Во квалификациите, поинаквото загревање на предните или задните гуми може да помогне во постигнување подобар баланс. Во трката, пак, приоритет е гумите да останат поладни што е можно подолго.
Просторот за ваков развој се отвори со правилата за 2026 година. Наместо стандардизирани фелни, тимовите повторно добија слобода да користат сопствени решенија, а нивното влијание врз работната температура на гумите брзо стана важна техничка тема.
Ферари во Барселона донесе нови фелни за подобро ладење на задниот дел, решение кое имаше придонес во победата на Луис Хамилтон. Мекларен, исто така, работеше на дизајни со кои предните гуми полесно би се загревале, а задните подобро би се ладеле.
И во Пирели го забележале ефектот. Главниот инженер Симоне Бера објасни дека разликите се значителни и дека стабилизираните температури годинава се пониски отколку порано, бидејќи фелната помага во ладењето и на тркалото и на самата гума.
Токму досегашните добивки навестуваа уште поинтензивен развој во текот на зимата. ФИА затоа интервенираше пред посебните квалификациски фелни да станат уште една неопходна и скапа ставка за екипите.
Новото ограничување ќе важи од почетокот на 2027 година. Од влегувањето на болидот во режимот пред затворениот парк за спринт или главната трка, ќе биде дозволена само една спецификација за предните и една за задните фелни. Тоа ја исклучува можноста за промена на дизајнот меѓу квалификациите и соодветната трка.
Правилникот прецизира и кога фелната се смета за употребена: штом болидот ќе излезе од боксот со неа.