
Соработката на Формула 1 и „Лајка“ донесе фотоапарат со тркачки изглед и цена од 7.300 британски фунти. Моделот Leica Q3 43 Formula 1 Edition е достапен од 21 октомври, во продавниците на производителот и преку неговата онлајн-продавница.
Основата е познатиот модел Q3 43, но ова издание визуелно се поврзува со светот на мотоспортот. Рачно изработените карбонски делови се комбинирани со црна облога од микровелур, инспирирана од материјалите на тркачките волани.
Изгледот го надополнуваат дискретни црвени детали, додека официјалните ознаки на Ф1 се поставени на горната плоча и на капачето за објективот. Во пакетот има и ремен во форма на јаже, со логоата на двата бренда.
Прецизноста, вниманието кон деталите и квалитетот на изработката се заедничките точки на кои се темели ова партнерство. Фотоапаратот е наменет и за моменти од падокот и за брзата акција на патеката, но со својата цена е далеку од вообичаениот навивачки сувенир.