
Поранешниот француски фудбалер и голема ѕвезда на Премиер лигата, Самир Насри (38), се најде во центарот на сериозен правен скандал поради наводна даночна измама. Според информациите на угледниот француски весник „Les Échos“, даночните власти во Франција се убедени дека Насри лажно тврдел дека живее во Дубаи за да избегне плаќање данок, додека всушност престојувал во Париз. Поради тоа, му е наложено да плати повеќемилионски износ.
Иако официјално Насри пријавен како даночен резидент во Обединетите Арапски Емирати, каде што даночните стапки се многу пониски или речиси непостоечки, француските даночници детално го анализираа неговиот начин на живот. Доказите кои ги собраа се покажаа како неоспорни.
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Истражувањето на неговите авионски карти откри дека најголем дел од времето го минувал во Франција, но клучниот доказ пристигнал од неочекуван извор – апликацијата за достава на храна Deliveroo. Таму било евидентирано дека Насри во 2022 година нарачал храна на неговата париска адреса дури 212 пати. Властите имале тешкотии да поверуваат во неговата приказна дека живее во Дубаи, додека редовно добивале информации дека храната му се доставувала речиси секој втор ден во Париз.
Како резултат на истрагата, Насри повеќе не се третира како даночен нерезидент, туку како полноправен жител на Франција, што донесува значителни финансиски обврски. Вкупниот износ кој мора да го плати на државата достигнува неочекувани 5,51 милиони евра.