
Лизгалиштето и базенот на скопското „Кале“ се меѓу објектите за кои министерот за спорт Борко Ристовски најави реконструкција, откако бил раскинат договорот со концесионерот и тие повторно преминале во државна надлежност. Во гостувањето во „Спорт фокус“ на ТВ Телма, тој зборуваше и за промена на начинот на кој се управува со спортската инфраструктура.
Наместо долгорочно отстапување на приватни концесионери, Ристовски се залага дел од објектите да ги преземат националните спортски федерации. Според него, искуството со концесиите од 20 до 30 години покажало проблеми со исполнувањето на обврските и со користењето на капацитетите за спорт.
Таквиот модел веќе се применува во два објекта: со базенот „Партизан“ во Карпош управува Националната пливачка федерација, а салата „Расадник“ е предадена на Ракометната федерација на Македонија. Ристовски посочи дека тие што ги преземаат објектите треба да имаат капацитет да ги одржуваат и да одговараат за нивното функционирање.
Посебен случај е прилепската сала „Македонија“. По раскинувањето на концесискиот договор, Министерството планира целосна реконструкција, а потоа објектот ќе ѝ биде предаден на Општина Прилеп. Со тоа, локалната власт ќе ја преземе грижата за одржувањето и за неговата натамошна употреба.
Во прегледот на завршените зафати, министерот ги наведе новите атлетски патеки во Велес и Гевгелија, како и обновените сали во Ново Село, Радовиш и скопски „Расадник“. Работите на салата во комплексот на УКИМ се во тек, додека за салите во Делчево и во Прилеп најави почеток на реконструкцијата.
Покрената е и постапка за три нови спортски сали. Две од нив се предвидени во Скопје, а една во Крушево.
Ристовски се осврна и на шесте затворени базени чие градење го започнала поранешната Агенција за млади и спорт. Според изнесеното во емисијата, Министерството ги довршило објектите што со години останале незавршени. Меѓу значајните проекти беше издвоен и затворениот базен во Охрид.
Неговата порака е дека спортските средини со традиција не можат да се обноват без основни услови за тренинг. Греењето, ладењето и уредните соблекувални ги посочи како неопходни предуслови и за вклучување на децата во спортот и за постигнување врвни резултати.
Разговорот опфати преглед на работата на Министерството во изминатите две и пол години, но и теми за државното финансирање, критериумите за распределба на средствата и подготовката на новиот Закон за спорт.
Фото: Република