
Лондон лајонс веќе направил формален чекор кон Евролигата, со пријава за учество од 2030 година. Тоа го потврди претседателот Ленц Балан, кој посочи дека амбицијата постои, но клубот прво мора да го реши прашањето со салата.
Лондонскиот тим моментално настапува во Еврокупот и има пет победи и три порази во групата Б. Домашните натпревари ги игра во „Копер бокс арена“, каде што нема целосна сигурност околу термините за користење.
Токму тие ограничувања, заедно со недостигот од сопствена арена, ја одложиле идејата за обид за влез во Евролигата уште следната сезона. Балан објасни дека клубот во сегашните услови не може да ги користи ниту сите извори на приходи што би ги имал со сопствен објект.
Решението го бараат во изградба на модерна сала во Лондон. Според претседателот, на проектот интензивно се работи со помош на водечки советници, а тој се надева дека во следните неколку месеци ќе може да соопшти значајни новости.
Пријавата за 2030 година ја покажува долгорочната насока на Лондон лајонс, но инфраструктурата останува главната пречка за остварување на таа цел. Во меѓувреме, Лондон се споменува и како еден од потенцијалните пазари за проектот НБА Европа.