
За Скот Мектоминеј, најдрагоцениот фудбалски спомен е врзан за Наполи. Ноќта во која клубот ја освои шампионската титула во 2025 година ја издвојува пред сите други моменти во својата кариера и не крие дека сака повторно да го почувствува истото.
Шкотскиот репрезентативец беше стрелец во победата од 2-0 против Каљари, со која Наполи го обезбеди четвртото Скудето. Тензијата од тој натпревар одамна поминала, но емоциите останале.
„И денес ме лазат морници кога ќе помислам на тој натпревар. Таквите моменти те тераат да посакуваш уште успеси, затоа што токму тие најмногу се паметат. Тоа беше најубавиот ден во мојата кариера. Сакам уште една таква ноќ“, изјави Мектоминеј.
По доаѓањето од Манчестер јунајтед во 2024 година, играчот за врска брзо се вклопи во италијанскиот фудбал. Со Антонио Конте на клупата ги освои Скудетото и италијанскиот Суперкуп, а токму тренерот го посочува како еден од луѓето што најмногу му помогнале.
„Во Наполи и во Италија ја добив потребната основа за целосно да ѝ се посветам на работата. Голема благодарност му должам и на Антонио Конте. Од првиот ден имав одличен однос со него и со сите во клубот. Тука сме едно семејство, од тренерите до економите, физиотерапевтите и лекарите“, објасни Шкотланѓанецот.
Навивачите во него гледаат херој, но Мектоминеј повеќе сака да биде препознаен по секојдневниот труд отколку по таквите етикети. Неговата рутина, вели, е едноставна: да дојде на работа, да ги заврши обврските и потоа да се одмори.
Тоа не значи дека бега од одговорноста. Напротив, истакнува дека притисокот на големите натпревари го мотивира и дека токму во најважните моменти успевал да го даде најдоброто од себе.
За работните навики му оддава признание и на својот татко. Мектоминеј смета дека врвното ниво бара речиси опсесивна посветеност на кариерата, при што подеднакво важни се и однесувањето на тренинг и животот надвор од теренот.
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0