
Двајца фудбалери од македонската дијаспора ја направија разликата за Престон Лајонс на гостувањето кај Волонгонг Вулвс. Јонас Марковски и Даниел Лазаревски влегоа од клупата и со по еден гол го претворија водството на домаќинот во победа на својот тим од 2:1 во австралискиот Шампионат.
Лазаревски доби шанса во 59. минута наместо Закари Чанчи, а Марковски во 73. го замени Џеј Романовски. Марковски најпрво израмни по додавање на Кур Кур и грешка во домашната одбрана, додека Лазаревски го постигна решавачкиот погодок по корнер. Џексон Нечовски остана меѓу резервите на Престон.
Натпреварот имаше и прекин поради молњи, пред Волонгонг да стигне до предност. Сепак, завршницата им припадна на гостите, кои ја забележаа втората последователна победа во групата, откако претходно со истиот резултат славеа кај Саут Хобарт.
За Престон ова беше и поинаков расплет од претходната средба со Волонгонг: на 15 октомври двата тима одиграа без голови, а потоа Лајонс загубија во пенал-серијата со 5:6. Сегашниот триумф им носи дополнителна тежина во обидот да стигнат до нокаут-фазата, која не ја достигнаа во првото издание на натпреварувањето.
Марковски пристигна во Престон во јануари 2025 година, по настапите за Бризбејн Роар и јапонскиот Осака. Во неговата кариера се издвојува и признанието за најдобар стрелец во НПЛ Викторија во 2023 година, освоено како играч на Алтона Меџик.
Успешен викенд во Австралија имаа и Арион Сулејмани и Себастијан Деспотовски. Сулејмани го отвори резултатот при победата на Оукли Канонс од 2:0 над Сиднеј Олимпик, а Деспотовски асистираше за првиот гол на Перт Глори во триумфот од 2:1 против Њукасл Џетс.
Фото: Архива