Дома Фудбал Бојд удри по Ренџерс: „Украдоа бод, вака не се освојува титула“

Бојд удри по Ренџерс: „Украдоа бод, вака не се освојува титула“

Бојд удри по Ренџерс: „Украдоа бод, вака не се освојува титула“

Ренџерс се извлече со бод на „Тајнкасл“, но не и од критиките на Крис Бојд. Поранешниот фудбалер на клубот смета дека ремито 2-2 против Хартс ги открило слабостите што ја доведуваат во прашање неговата подготвеност за шампионска трка.

Гостите избегнаа пораз благодарение на ударот со глава на Олвету Макања во 89. минута. Со тој гол останаа четири бода зад лидерот Селтик, кој исто така испушти бодови против Данди јунајтед.

За Бојд, сепак, доцното израмнување не ја менува сликата за настапот на Ренџерс, особено по паузата.

„Украдоа бод. Ова мора да биде подобро, особено ако го погледнеме второто полувреме. За да освоиш првенство, мора да имаш делови од натпреварот во кои ти ја диктираш играта. Ренџерс го нема тоа“, оцени Бојд за Скај спортс.

Дуелот почна со гласни свирежи за Дерек Мекинс, кој првпат се врати на „Тајнкасл“ откако во јуни замина на „Ајброкс“. Неговиот тим, сепак, прв ја замолкна домашната публика: Кевин Келси погоди во 16. минута по пропуст на Лоран Менди.

Хартс одговори на почетокот од вториот дел. Клаудио Брага и Калвин Милер донесоа пресврт, пред Макања во финишот да спречи победа на домаќините.

Бојд го посочи недостигот од мирно градење на нападите како еден од главните проблеми. Според него, Ренџерс има брзи играчи, но премногу брза со решенијата и не успева со неколку поврзани додавања да го извлече противникот од неговата поставеност.

„И кога си под притисок, треба да ја задржиш топката и со додавања да го натераш противникот да трча по неа. Нема ништо понепријатно од тоа. Кај Ренџерс сè делува неповрзано“, порача тој.

Посебни забелешки имаше и за Емануел Фернандез, за кого оцени дека изгледал несигурно против напаѓачите на Хартс и им создавал дополнителни проблеми на соиграчите.

Ремито ја прекина серијата од девет првенствени победи на Ренџерс, додека Хартс ја продолжи домашната низа без пораз на 26 натпревари.

Фото: Sky Sports

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Фудбал

Проверете

Кровиновиќ замина во Бразил, а Гремио сега стравува од испаѓање

Шест кола пред крајот, бразилскиот великан е под линијата за опстанок. Поранешниот играч н…