
Македонската борачка Вероника Консевиќ денес од 19:30 часот ќе има можност да стигне до медал на Медитеранските игри во Таранто. Таа се натпреварува во слободен стил во категоријата до 57 килограми, а во борбата за бронзата ќе се обиде успешниот настап во Италија да го заврши со одличје.
Консевиќ во Таранто не пристигна сама. 27-годишната борачка на Медитеранските игри е заедно со своето 11-месечно бебе, кое е нејзина постојана придружба и во текот на натпреварувањата.
На паузите меѓу борбите, бебето е покрај својата мајка и со своето присуство веќе го привлече вниманието и симпатиите на останатите учесници. За Консевиќ, пак, најмладиот член на македонската експедиција е и најголемата мотивација и поддршка.
Консевиќ е единствената македонска претставничка во слободен стил на овие Медитерански игри. За бронзениот медал ќе се бори против Србинката Милица Перовиќ, а победа во оваа пресметка би ѝ донела одличје и би ставила одлична завршница на нејзиниот настап во Таранто.