
По разочарувачкото реми со ДР Конго на отворањето на Светското првенство, во Португалија расте стравот од внатрешен раскол кој би можел да ја потресе репрезентацијата среде натпреварувањето. Во центарот на јавната расправа се најде местото на Кристијано Роналдо во почетната постава, а мислењата се остро поделени. Додека едни сметаат дека селекторот Роберто Мартинес не требало да му даде целосна минутажа на напаѓачот на Ал Наср, други бараат почит за најголемата легенда на португалскиот фудбал и дури ги обвинуваат неговите соиграчи за бојкот.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Веднаш по натпреварот против ДР Конго, социјалните мрежи на некои португалски репрезентативци беа преплавени со навреди и пораки во кои се бара почит кон Кристијано. Бруно Фернандес, Витинја, Жоао Невес и Педро Нето се само некои од играчите чии профили на Инстаграм се затрупани со коментари и обвинувања дека го потценуваат Роналдо и му завидуваат на успесите.
„Тоа покажува колку е голема опасноста од „граѓанска војна“ која би можела да избие во рамките на репрезентацијата. Се реагира на секоја критика упатена кон Кристијано Роналдо, што создава огромна поларизација“, изјави Витор Пинто, заменик директор на спортскиот весник „Рекорд“.
Шпекулациите околу ликот на Кристијано Роналдо не се новост во Португалија, но некои од критиките изречени последните денови досега беа незамисливи. Нуно Сараива, колумнист на весникот A Bola, објави текст со наслов “Ти благодариме за сè, Кристијано. Сега е време за заминување!”, во кој повикува на свртување на нова страница и тврди дека напаѓачот на Ал Наср го загубил статусот на главна референца во репрезентацијата.