Британскиот тенисер Енди Мареј се пласираше во второто коло на Австралија Опен откако по голема драма и скоро пет часа игра го елиминираше Италијанецот, Матео Беретини.
Британецот славеше со 3:2 во сетови 6:3, 6:3, 4:6 (7)6:7, 7:6(6). Во овој меч на „Род Лајвер Арената“ Мареј играше како во најдобрите денови.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во првиот сет Британецот стигна до брејк веќе на стартот и покажа дека е спремен за дуел со 14-тиот светски тенисер во овој момент. Предноста успеа да ја зачува и да го добие сетот за 1:0.
Мареј одлично стартуваше и во вториот каде што веднаш го одзема сервисот на Беретини. И тука не ја испушти предноста освојувајќи го сетот за 2:0.
Италијанецот се разигра во третиот сет кога за првпат стигна до брејк, а подоцна намали на 2:1. Во четвртиот сет немаше брејкови. Се решаваше во тај-брејк каде што Беретини ја искористи четвртата сет топка и изедначи на 2:2.
Петиот сет донесе кулминација на драмата. Беретини водеше со 5:4 и имаше меч топка на сервис на Мареј, но Британецот успеа да се спаси и да се избори за супер тај-брејк кој се играше до 10 освоени поени.
Одлучувачкиот гем Мареј го започна одлично и поведе со високи 5:0, но Беретини успеа да се врати и да намали на 8:6. Сепак во финишот Мареј покажа искуство и дојде до најголемата победа од неговото враќање на терените.