Маурисио Пелегрино (45) е наследникот на Клод Пуел на клупата на Саутемптон. Поранешниот аргентински дефанзивец го прифати предизвикот на „Сент Мери“ по разделбата со Алавес што во минатата сезона го водеше до финале во шпанскиот куп против Барселона.
„Клупската култура и мојата фудбалска филозофија добро ќе се сложуваат. Сакам да победувам, сакам да бидам успешен, сакам да развивам тимски дух пришто сите ќе даваат 100 отсто од своите можности и меѓусебно ќе се поддржуваат“, рече Пелегрино по парафирање на тригодишна соработка со „светците“.
Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Тренерската смена во Саутемптон дојде помалку неочекувано. Тимот заврши како осми во Премиерлигата, но играше финале во Лига купот што го загуби од Манчестер јунајтед со 2:3. Тоа, сепак, не беше доволен кредит на раководството на клубот, па Пуел стана трет менаџер во последните три години кој доби „благодарница“ по Роналд Куман и Маурисио Покетино.
Пелегрино на почетокот на менаџерската кариера беше асистент во стручниот штаб на Ливерпул и на Интер. Првиот самостоен ангажман го имаше во Валенсија за потоа да ги води Естудијантес и Индепендиенте во неговата родна Аргентина пред да се врати во Европа.
Играчката, пак, ја започна во Велез Сарсфилд, тим во кој се задржа девет години. Потоа беше испратен на позајмица во Барселона за да продолжи во Валенсија, Ливерпул и Алавез.