
Црвена звезда ги продолжува преговорите за долгорочно учество во Евролигата со одобрение од клупското Собрание. На седницата во салата „Александар Николиќ“ беа избрани и нов состав на Собранието со петгодишен мандат, како и носителите на неколку раководни функции.
Една од темите беше евролигашката иднина на клубот. Претседателот Жељко Дрчелиќ ги запозна членовите со досегашниот тек на разговорите за франшиза и за долгорочен настап на црвено-белите во натпреварувањето.
Дрчелиќ ја образложи позицијата на Звезда во преговорите и ги претстави финансиските детали поврзани со франшизата. По неговото излагање, Собранието со гласање му даде согласност да продолжи да преговара со Евролигата за долгорочен договор.
На чело на Собранието доаѓа професорот Драган Лончар. За спортските прашања како потпретседател ќе биде задолжена клупската легенда Владислав Лале Лучиќ, додека економско-финансискиот дел ќе му припадне на бизнисменот Милош Чолиќ, исто така избран за потпретседател.
Промени има и во Управниот одбор. За негов претседател е избран Живорад Васиќ, а потпретседателската функција ќе ја извршува адвокатот Ѓорѓе Симиќ.