Teшкиот домашен пораз од најголемиот ривал (0:3) во полуфиналето од шпанскиот куп прилично ја загрози позицијата на клупата на Сантијаго Солари.
Во вториот дел од една од најлошите сезони во последните години, клубот остана без шанси да се бори за титулата во шпанскиот куп. „Кралевите“ се во тешка позиција и во Ла Лига каде што заостануваат девет бода во однос на Барселона. Пораз од Барселона во утрешното ново „Ел Класико“ овој пат во првенството веројатно ќе значи крај на надежите за титулата и во Ла Лига.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во тој случај на Реал за спас на сезоната би му останала само Лигата на шампионите, а со ваква игра тешко дека можат да ја одбранат титулата. Јасно е дека овој Реал нема многу допирни точки со оној кој три години триумфираше во најелитното европско натпреварување.
Станува јасно дека Солари нема многу шанси да стане новиот Зидан. Солари беше повикан како решение од Б тимот во првиот тим, меѓутоа засега не постигнува задоволувачки резултати.
Самиот Солари веројатно е свесен дека не успеа, а после дебаклот против Барселона во купот не му падна на крај памет после еден од тренинзите да застане и да има средба со навивачите.
Играчите и тренерите на Реал после секој тренинг на излезот од Валдебас ги чекаат навивачите со цел да добијат автограм или фотографија. Но, за разлика од фудбалерите кои излегоа на главниот излез Солари беше забележан како експресно го напушта тренинг центарот од еден од споредните излези.
Нов натпревар против Барселона Реал Мадрид го чекува утре во 20:45 часот.