Аукцијата на украдената Златна топка, која во 1986 година ја освои легендарниот Аргентинец Диего Армандо Марадона, е прекината, соопшти аукциската куќа Агит.
Ќерките на Марадона тврдат дека Златната топка е сопственост на семејството на починатиот фудбалер и дека не може да се продаде на аукција.
Дерби на Манчестер: Да се види кој е полош!? ↓↓↓
Судот во Нантер одлучи дека аукцијата може да се одржи според планираното, но адвокатот на наследниците на Марадона поднесе жалба. Аукцијата требаше да се одржи во четврток, а нов датум допрва треба да се одреди.
„Марадона отсекогаш предизвикувал страсти и тоа продолжува и покрај пресудата во четвртокот, која ја поздравуваме и која го одби барањето на наследниците за забрана на аукцијата. Нашата мисија е да ја организираме аукцијата во најдобри можни услови, како за нашиот продавач, така и за купувачите“, рече во соопштението Максимилијан Агит, претставник на аукциската куќа.
Аргентинецот, кој почина во 2020 година на 60-годишна возраст, ја освои Златната топка во 1986 година, трофејот за најдобар играч на Светското првенство, каде што ја предводеше аргентинската репрезентација до победата од 3:2 против Западна Германија во финалето во Мексико Сити.
Сите натпревари на Марадона од споменатото првенство беа легендарни, особено натпреварот против Англија, каде постигна еден гол, како што рече, „со божја рака“, но и „Голот на векот“ кога во соло продор ги издрибла практично сите противници, во победата од 2:1 против Англија во четврт-финалето.
Трофејот подоцна исчезна и за него кружеа разни гласини. Некои велеа дека Марадона го изгубил во партијата покер или дека го продал за да ги исплати долговите. Се шпекулираше и дека Марадона го чувал во банка во Неапол, која била ограбена од локални гангстери во 1989 година, кога тој играл за Наполи. Наследниците на Марадона веруваат дека е украдена од банка.