Maкедонската репрезентација од вчера е во Деберцин, а денес ќе го одработи и првиот тренинг пред утрешниот натпревар против Словенија.
Селекторот Лазаров денес пред медиумите ги изнесе своите очекувања. На последното тестирање позитивни тестови добија четворица наши ракометари, Лазаров истакна дека со оглед на ситуацијата во која живееме бил спремен за едно такво сценарио.
Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
„Бевме спремни за такво сценарио, веќе две години живееме во такви услови. . Некои репрезентации имаат и поголеми проблеми, некои помалку, тоа е што е. Да не губиме време и енергија на тоа, треба да го заборавиме тој момент и да се спремиме за она што не очекува од утра па натаму“.
Дел од репрезентациите се пожалија дека во хотелите каде што се сместени условите не се најдобри и пристап до хотелот имаа лица кои не се дел од некоја репрезентација. Во нашиот хотел засега нема такви проблеми.
„Ги прочитав тие информации, посебно во хотелот во Сегед. За разлика од таму, ние имаме тука мир. Сами сме во хотелот, нема други лица да се шетаат во хотелот. Добивме соби за секој поединечно за подобро да се заштитиме од хотелот. Немаме за тоа што да се пожалиме сместувањето е добро“.
Фаворитската улога утре ја има Словенија.
„Словенија е репрезентација која има играчи во ПИК Сегед, Веспрем, Барселона…Тоа доволно зборува за каква репрезентација се. Селекторот на Словенија е во една голема предност со тоа што има веќе изградена репрезентација и треба да уфрли само одредени детали. Но секако дека нема да излеземе со бело знаме“.
Желбата е вториот круг, но нема оптеретувања.
„На сите ни е јасна целата ситуација, ние имаме желба да одиме во втор круг. Тоа би било еден огромен успех. Не затоа што не заслужуваме да бидеме таму, туку затоа што добивме противници како Словенија и Данска, па и Црна Гора која не смее да се потцени. Треба да бидеме реални, дека сме во еден транзиционен период, сите заедно треба да помогнеме да изградиме генерација која и во наредните години редовно ќе биде дел од големите натпреварувања. Не сакам да давам оптертувања за моите играчи. Словенија е една репрезентација која ако тие имаат ден, можеби и нашиот максимум нема да биде доволен за да оствариме победа. Затоа одиме да се бориме и да ја играме нашата игра, па ќе видиме што ќе биде“, изјави Лазаров.