Дома Фудбал Светско првенство во фудбал Историја на Светското првенство: 1970 – крунисувањето на Пеле со најсилниот фудбалски тим на сите времиња

Историја на Светското првенство: 1970 – крунисувањето на Пеле со најсилниот фудбалски тим на сите времиња

Светското првенство кое од 14 јуни до 15 јули оваа година ќе се одржи во Русија ќе биде натпреварувачки самит на светската репрезентативна фудбалска елита. Тоа е добар повод да се потсетиме на дел од историјата на ова елитно фудбалско натпреварување низ годините наназад. Овој пат на репертоар е епскиот светски фудбалски турнир од 1970 година.

„Бразилците од нас во 1966 година очекуваа да го освоиме фудбалскиот трофеј, но не бевме доволно силни и слабо се подготвувавме. Тоа не направи поодлучни да успееме во Мексико. Трениравме во Рио три месеци, по два пати дневно, пред да заминеме во Мексико. Наутро имавме тренинзи за сила и кондиција, а попладне со топка. Кога станавме прваци и дојдовме во Рио, патот од аеродром до Копакабана траеше пет часа. Никогаш не сум видел толку луѓе. Тоа беше забавата на мојот живот“, се потсетува Жаирзињу на моментите кога репрезентацијата на Бразил, после освојувањето на светскиот фудбалски трофеј, се врати дома и се приклучи на националната веселба која траеше една недела.

Првенство без ниту едно исклучување


Салах руши рекорди! Викендов две големи дербија во Премиер Лига! ↓↓↓


Зборовите на легендарниот Бразилец, кој таа година стана прв и засега единствен играч во историјата на Мундијалите кој постигна барем по еден гол на секој натпревар, најдобро го отсликуваат тимот на Бразил од пред речиси педесет години и прашање на место е дали фудбалот некогаш повторно ќе доживее таква слична величина од репрезентација.

Токму магичните Бразилци го одбележаа деветтиот Мундијал, заедно со најдобриот стрелец на првенството, Герд Милер, и полуфиналниот натпревар помеѓу Италија и Западна Германија, кој со право го стекна статусот „натпревар на векот“. Тука е и фактот дека рекорден број на луѓе имаа можност за прв пат во историјата да ги следат натпреварите на телевизија во боја.

Герд Милер

Поради барањето на големите европски телевизиски компании, некои натпревари почнуваа точно на пладне, што не беше популарна одлука меѓу играчите и селекторите, поради интензивната и голема пладневна жештина во Мексико. Турнирот помина без насилства кои ги одбележаа претходните два Мундијали, а првенството во Мексико, исто така, помина без ниту еден исклучен играч од натпреварите, исто како во 1950 година. Прв пат беа дозволени измени на играчи, а беа воведени и предупредувачките жолти и казнените црвени картони наместо директното исклучување.

Клучниот потег за целото првенство веројатно беше повлечен уште пред самиот Мундијал, имајќи во предвид дека бразилскиот селектор Марио Загало го убеди Пеле да се врати во националниот тим и на 30 години повторно да го предводи Бразил. Значајна беше и промената на тактиката која вклучуваше тројца напаѓачи.

Иако почнаа лошо, губејќи од Чехословачка во првиот натпревар, сепак, до крајот на дуелот со Чехословаците тимот на Бразил постигна четири гола за победнички старт во Мексико. Во следниот дуел се сретнаа со бранителите на титулата, Англија, а натпреварот ќе се памети по неверојатната одбрана на англискиот голман по ударот на Пеле со глава. Голот за одлука го постигна Жаирзињу, по соврешна асистенција од Пеле.

Во последната средба од групата Бразил беше подобар од Романија со 3:2. Потоа, во четвртфиналето блесна Тостао со два погодоци и триумф на Бразил над Перу со 4:2. Во полуфиналето ги чекаше цврстиот Уругвај кој претходно го исфрли од турнирот Советскиот сојуз. Селекао така се соочи со 20 години стариот кошмар кој во 1950 година ги шокираше и ја освои титулата светски првак.

„Натпреварот на векот“ помеѓу Италија и Западна Германија

Многумина мислеа дека историјата ќе се повтори кога Уругвај поведе со голот на Кубиљо, но клучниот момент се случи во завршницата на првото полувреме, кога Бразил го спаси Клодоалдо – момчето кое преку фудбалот се спаси од семејната сиромаштија и беда. Клодоалдо беше најмладото од десетте деца чии родители загинаа во сообраќајна несреќа, но собра сили и на крајот беше еден од бразилските херои.

Во продолжението од натпреварот, Бразилците истрчаа на терен одлучни да ја земат судбината во свои раце, а преку головите на Жаирзињу и Ривелино стигнаа до големата победа против Уругвај и финале против Италија, која во другото спектакуларно полуфинале, на продолженија, ја совлада Западна Германија со 4:3. Интересен податок е дека во тој полуфинален дуел, само во продолженијата беа постигнати дури пет гола.

Дуелот помеѓу Италија и Западна Германија подоцна беше наречен „натпревар на векот“, а пред стадионот каде што се играше стои и мала спомен плоча во знак на сеќавање на фантастичниот натпревар. Головите за Италија ги постигнаа Бонинсења, Бурњич, Рива и Ривера, додека за Западна Германија два пати погоди Герд Милер и еднаш Шнелингер.

Финалето се играше пред повеќе од 100.000 гледачи. Италија и Бразил дотогаш по два пати го освојуваа светскиот фудбалски пехар. Бразил беше супериорен и преку головите на Пеле, Жерсон, Жаирзињу и Карлос Алберто стигна до големиот епски триумф. Сцените од славењето стигнаа преку телевизиските екрани, а бројни навивачи втрчаа на теренот за да се доберат до сувенири од тој историски ден.

Пеле, сиот во солзи, триумфално беше носен на раце од своите соиграчи. Не само што го освои своето трето злато на светските првенства, туку го одигра и својот последен натпревар на најголемото фудбалско натпреварување. Бразилската репрезентација која во 1970 година триумфираше на Светското првенство е прогласена за најдобар фудбалски тим на сите времиња. Бразил од 1970 година беше опишан како „многу повеќе од екипа“.

„Тимот на Бразил кој го освои Светското првенство во 1970 година стана мит, тим кој мора да биде истакнат како единствен пример за прекрасна игра“, е описот на оваа славна генерација, која трајно го освои пехарот Жил Риме (бидејќи тоа им беше трета победа на Мундијалите) во речиси совршен состав во кој, меѓу другите, беа Пеле, Клодоалдо, Жерсон, Тостао, Жаирзињу и капитенот Карлос Алберто.

Коментари
Прочитајте поврзани статии
Load More In Светско првенство во фудбал

Проверете

Дамата ги нагости граѓаните, Милан едвај, Барса го освои Дортмунд

Јувентус запиша голема победа и ја продолжи агонијата на Гвардиола, Милан едвај дојде до п…