Судиска анализа за 11. коло од ПРВА МФЛ за сезона 23/24
Судиска комисија ги разгледа спорните моменти од 11. коло на ПРВА МФЛ и ги донесе следните заклучоци:
Му ги броиме деновите на Тен Хаг во Манчестер! ↓↓↓
На натпреварот ФК Работнички – ФК Вардар одигран на 22.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 76 минута.
Главен судија: Игор Стојчевски. Помошни судии: Дејан Димитријевиќ и Дарко Јовчевски.
76. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден пенал за гостинската екипа при резултат 0:0)
После центрирана топка во шеснаесетникот на домашната екипа, играч на гостинската екипа со глава биеше кон голот на домаќините, по ударот кон голот топката удри во раката, па во глава на противнички играч, главниот судија со кратка задршка досуди пенал за гостинската екипа.
Исправна одлука на главниот судија што досуди пенал за гостинската екипа, бидејќи топката го удри играчот на домашните во раката па главата (иако беше тешка за проценка, раката на играчот од одбраната во опишаната акција беше апсолутно во неприродна положба, високо подигната над главата и близу до главата)
Главниот судија беше одлично поставен и имаше јасна прегледност на ситуацијата, затоа судиската комисија по разгледување на ситуацијата (која е многу тешка за проценка, дали топката прво удира во рака па глава или обратно) останува со одлуката на главниот судија пресудена во тој момент, бидејќи главниот судија имаше најдобар видик и беше одлично поставен.
На натпреварот ФК Шкендија – ФК Брера А.П одигран на 22.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 26. минута.
Главен судија: Димитар Пилешков. Помошни судии: Христијан Џонов и Мартин Петковски .
26. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден пенал за гостинската екипа при резултат 0:0)
Играч на гостинската екипа во шеснаесетникот на домаќините ја имаше топката во посед, потоа си даде долг фор (топката излезе надвор од теренот), но во моментот кога си ја додаде топката во фор, голманот на домашната екипа направи минимален контакт над ногата на противникот, а тој контакт играчот на гостите сакаше да го искористи да изнуди пенал.
Исправна одлука на главниот судија, досуден индиректен слободен удар за домашната екипа и доделен жолт картон за гостинскиот играч (симулација за пенал).
На натпреварот ФК Силекс – ФК Тиквеш одигран на 22.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 61. минута.
Главен судија: Марјан Младеновски. Помошни судии: Дејан Костадинов и Бранко Путилин.
61. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден пенал за гостинската екипа екипа при резултат 0:0)
Играч на гостинската екипа упати долга топка кон соиграч во шеснаесетникот на домашната екипа и странично од голот, на топката тргнаа голманот на домаќините и противнички играч, играчот на гостите прв стигна до топката, ја удри и потоа почна да паѓа (сакајки да изнуди пенал) и потоа при падот дојде до минимален коткат со рацете на голманот.
Исправна одлука на главниот судија, досуди индиректен слободен удар за екипата на домаќините и додели жолт картон за играчот на гостите поради симулација за да изнуди пенал.
На натпреварот ФК Шкупи – ФК Брегалница одигран на 22.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 31. минута.
Главен судија:Влатко Илиоски. Помошни судии: Зоран Јанкулоски и Мартин Дејаноски.
31. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден пенал за гостинската екипа при резултат 1:0 )
Играч на гостите прими топка странично во шеснаесетникот на домашната екипа, во моментот кога сакаше да помине противнички играч, противничкиот играч направи недозволен старт (газење) на ногата на гостинскиот играч.
Исправна одлука на главниот судија што досуди пенал за гостинската екипа за недозволен старт (газење).
Главниот судија беше идеално поставен, близу ситуацијата и имаше јасен преглед.
На натпреварот ФК Македонија Ѓ.П – ФК Струга Трим Лум одигран на 22.10.2023, анализирана е ситуацијата од 42. минута.
Главен судија:Стојан Трпчевски. Помошни судии: Драган Трпчевски и Душко Панов.
42. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (несигнализирано офсајд позиција на гостински играч, постигнат регуларен гол при резултат 0:1)
Играч на гостинската екипа додаде топка до свој соиграч во шеснаесетникот на домашната екипа, соиграчот ја прими топката и постигна гол.
Исправна одлука на првиот помошен судија што дозволи играта да продолжи и да се постигне гол, бидејки играчот на гостите што постигна гол во моментот на додавање на топката од својот соиграч се наоѓаше во дозволена позиција (во линија со претпоследниот играч од одбраната на домаќините).
На натпреварот ФК Гостивар – ФК Воска одигран на 22.10.2023 година, иако немаше спорни ситуации за судиска анализа, судиската комисија не е задоволна од менаџирањето на главниот судија со крајот на натпреварот.
Судиска анализа за 9. коло од ВТОРА МФЛ за сезона 23/24
Судиска комисија ги разгледа спорните моменти од 9. коло на ВТОРА МФЛ и ги донесе следните заклучоци:
На натпреварот ФК Саса – ФК Беласица одигран на 21.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 45+2 минута.
Главен судија: Бењамин Керими. Помошни судии: Дарко Видиниќ и Александар Ѓурковски.
45+2 минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден пенал за гостинската екипа и доделен ЦРВЕН картон за домашен играч)
Играч од екипата на гостите прими топка од свој соиграч во шеснаесетникот на домашната екипа, во моментот кога ја прими топката се наоѓаше сам пред голманот на домашната екипа и во очигледна шанса за гол, пред да шутне кон голот на домашната екипа беше влечен за тело од претпоследниот играч од одбраната на домашните и спречен во акцијата.
Исправна одлука на главниот судија, досуден пенал за екипата на гостите и доделен ЦРВЕН картон за играчот на домашната екипа поради недозволен старт (влечење) и спречување очигледна шанса за гол.
На натпреварот ФК Арсими – ФК Пелистер одигран на 21.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 90+2 минута.
Главен судија: Крумислав Ѓорѓиев. Помошни судии: Александар Гигов и Роберт Црвенов.
90+2 минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ПРВИОТ ПОМОШЕН СУДИЈА (сигнализирано офсајд позиција и поништен гол за домашната екипа при резултат 1:1)
Играч на домашната екипа прими топка од свој соиграч надвор од шеснаесетникотна гостинската екипа, од кога ја прими топката, шутна кон голот на гостинската екипа и постигна гол.
Исправна одлука на првиот помошен судија, сигнализираше недозволена офсајд позиција за домашниот играч и голот беше поништен, бидејќи играчот во моментот кога му беше додадена топката од својот соиграч се наоѓаше позади претпоследниот играч од гостинската екипа.
На натпреварот ФК Вардар Неготино – ФК Тетекс одигран на 21.10.2023 година, анализирани се ситуациите од 26. и 59. минута.
Главен судија: Владимир Ѓорѓиевски. Помошни судии: Владимир Митревски и Дарко Василевски.
26. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден пенал за гостинската екипа при резултат 0:0)
Играч на гостинската екипа прими топка од свој соиграч во шеснаесетникот на домашната екипа, до него имаше два противнички играчи и едниот од нив минимално го турна играчот на гостите, по што истиот од тој контакт падна, сакајќи да изнуди пенал.
Исправна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејќи контактот беше минимален и недоволен за да се досуди пенал.
59. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден пенал за домашната екипа при резултат 0:0)
Играч на домашната екипа беше во посед на топката странично во шеснаесетникот на гостинската екипа, гостинскиот играч кој трчаше паралелно со него и минимално со тело направи контакт со играчот на домашните, при што играчот на домашните падна.
Исправна проценка на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејки контактот беше минимален и недоволен за пенал.
На натпреварот ФК Детонит – ФК Осогово одигран на 21.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 44. минута.
Главен судија: Јордан Јовановски. Помошни судии: Иван Танев и Кирил Манчев.
44. минута: ПОГРЕШНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (досуден пенал за домашната екипа при резултат 0:0)
Играч на домашните центрираше топка во шеснаесетникот на гостинската екипа, играч на гостинската екипа ја одби топката до играч на домашните, истиот шутна кон голот на гостите и противнички играч ја блокираше топката со рацете прилепени до телото, главниот судија ја прекина играта и досуди пенал за домашната екипа.
Погрешна одлука на главниот судија што досуди пенал за домашната екипа, бидејки играчот на гостинската екипа коректно го блокираше шутот, односно рацете му беа прилепени до телото и немаше неприродна положба на рацете, ниту зголемен волумен.
Иако главниот судија е добро поставен и има јасна прегледност, донесе погрешна одлука.
На натпреварот ФК Новаци – ФК Охрид одигран на 21.10.2023 година, анализирана е ситуацијата од 23. минута.
Главен судија: Христијан Божиновски. Помошни судии:Борис Трајков и Марјан Смилкоски.
23. минута: ИСПРАВНА ПРОЦЕНКА НА ГЛАВНИОТ СУДИЈА (недосуден пенал за домашната екипа при резултат 1:1)
Играч на домашните додаде топка до свој соиграч во шеснаесетникот на гостинската екипа, играчот ја прими топката и во тој момент играч од екипата на гостите му ја изби топката и потоа дојде до минимален контакт со ногата на играчот на домаќините.
Исправна одлука на главниот судија што дозволи играта да продолжи, бидејќи играчот на гостите прв ја удри топката и отпосле дојде до минимален контакт.
Главниот судија беше близу ситуацијата и имаше одлична прегледност.
На останатите натпревари од ВТОРА МФЛ немаше спорни ситуации за судиска анализа.