
Оскар Пјастри освои подиум од 17. стартна позиција во Лас Вегас, но по трката имаше што да ѝ порача и на сопствената екипа. Австралиецот остана на ставот дека нему и на Ландо Норис не им биле потребни дополнителни предупредувања како да се однесуваат во меѓусебните дуели.
Возачот на Мекларен, кој поради казна стартуваше длабоко во поредокот, се проби до третото место. Норис заврши втор, па тимот ја заврши трката со двајца претставници на подиумот.
На патот кон тој резултат, двајцата тимски колеги се најдоа во директна борба за четвртата позиција. Нивниот контакт од спринтот во Сингапур беше доволна причина за загриженост на тимскиот ѕид, од каде што пристигна повик за внимателно возење.
Откако доби пофалба за настапот и предупредување да внимава покрај тимскиот колега, Пјастри возврати со пцовка и побара да престанат постојано да го потсетуваат на тоа.
Ниту по завршувањето на трката, во разговор за „Скај спортс“, тој не се повлече од кажаното.
„Знаеме што правиме. Нема потреба да ни кажуваат“, порача Пјастри.
Австралиецот објасни дека и тој и Норис биле свесни за приоритетот: што е можно повеќе бодови за Мекларен во конструкторскиот шампионат. Иако во одредени моменти биле многу блиску еден до друг, според него, не влегле во бескомпромисна пресметка.
„За тимот ова беше одличен резултат. Се тркавме паметно еден против друг и се погриживме двајцата да останеме напред“, истакна Пјастри.
Третото место му се отвори откако Андреа Кими Антонели загуби позиции, а Џорџ Расел назадуваше по неуспешниот обид за напад врз Италијанецот. Така, пробивот на Пјастри заврши со место веднаш зад неговиот тимски колега.