
Рома си замина непоразена од гостувањето кај европскиот првак ПСЖ, откако во петтото коло од Лигата на шампионите одигра 2-2. Домашните го претворија раното водство на гостите во своја предност, но последниот збор меѓу стрелците го имаше Дониел Мален.
Холандскиот напаѓач влезе од клупата и во 78. минута реализираше пенал за бод на тимот на Џан Пјеро Гасперини. На одлуката ѝ претходеше интервенција на ВАР: по додавањето на Пауло Дибала, Матијас Суле шутираше, а топката ја погоди кренатата рака на Витиња.
Гостите најавија дека нема да се бранат уште во петтата минута. Марио Ермосо со притисок му ја одзеде топката на Магнес Аклиуш, а потоа ја заврши акцијата по продорот и повратното додавање на Суле од левата страна.
What a start for Roma 🔥
Mario Hermoso opens the scoring against PSG!
📺 Stream now on TNT Sports & HBO Max https://t.co/fRCRh6tXYB https://t.co/pvnFFUqgg5
— Football on TNT Sports (@footballontnt) November 25, 2026
Одговорот на парижаните пристигна во 31. минута од корнер. Сени Мајулу нафрли, а недоволно чуваниот Илија Забарни со глава на првата статива израмни на 1-1.
Рома имаше можности повторно да ја преземе контролата врз резултатот. Еван Ндика беше непрецизен со глава, Ермосо по паузата шутираше над голот по несигурната реакција на Матвеј Сафонов, а во 51. минута рускиот голман со една рака го запре Николо Писили по неговата комбинација со Сантијаго Кастро.
ПСЖ стигна до пресврт преку Усман Дембеле во 62. минута. Ашраф Хакими му избега на Весли, кој го повлече за рамото во шеснаесетникот. Домаќините бараа и исклучување, но судијата покажа жолт картон, а Дембеле, набргу по влегувањето во игра, беше сигурен од пенал.
Гасперини ги внесе Мален и Дибала, а нивното учество во акцијата за вториот пенал на натпреварот ѝ овозможи на Рома да се врати. Наместо мирна завршница за шампионот, следуваше отворена борба за победнички гол.
Ермосо не искористи добра позиција, два обида на Фабијан Руиз беа блокирани, а Хакими во судиското продолжение шутираше крај голот. Миле Свилар со нога го запре и Дембеле на поблиската статива, зачувувајќи ги конечните 2-2.
За Рома ова беше поинаков расплет од дуелите со Реал Мадрид и Манчестер јунајтед, во кои испушти предност од два гола и загуби. Во Париз успеа да се врати од негатива и да освои бод против актуелниот европски првак.