
ФК БАРСЕЛОНА поднесе втора официјална жалба до УЕФА поради одлуките на судијата во четвртфиналето на Лигата на шампиони, каде беше елиминирана од Атлетико Мадрид. Каталонскиот гигант е незадоволен од серијата на судиски одлуки во двете средби кои завршија со вкупен резултат 3:2 во корист на мадридскиот тим.
Ова е вторпат во малку повеќе од недела дена како реномираниот каталонски клуб се обраќа до европската фудбалска организација, изразувајќи големо незадоволство од судиското работење и системот ВАР. Жалбата ги опфаќа контроверзните ситуации во обете средби за нивното исфрлање од натпреварувањето.
Лапорта ги осуди “срамните” судијски одлуки
Исхрана, повреди и тренинг – совети од доктор по спортска медицина | Уште еден поткаст
Претседателот на клубот, Жоан Лапорта, не се воздржа и го означи судењето како срамно. Лапорта истакна низа контроверзни моменти, вклучувајќи го црвениот картон на Кубарси, наводно играње со рака на Марк Пубил, исклучувањето на Ерик Гарсија, можниот пенал на Дани Олмо и спорниот судир помеѓу Фермин Лопез и Хуан Мусо.
“Најпрво, сакам да им честитам на Атлетико Мадрид, но тоа не ја менува реалноста дека судењето, како на главниот судија така и на ВАР, беше срамно. Неприфатливо е што ни направија. Во првата средба не ни судеа очигледен пенал и ни исклучија играч за ситуација која беше за жолт картон. Тој црвен картон ни направи голема штета,” изјави Лапорта.
“Беше натпревар во кој судиските одлуки сериозно не погодија. Во втората средба Ерик Гарсија не беше последниот играч на одбраната, Жулс Кунде беше блиску. Судијата првично покажа жолт картон, но ВАР интервенираше и го поништи. Ударот на Феран Торес беше гол, пеналот на Дани Олмо беше очигледен, а прекршокот врз Фермин беше недозволив. А потоа му дадоа картон на Гави… Момчето страдаше од болки додека го шиеја, а за тоа не беше досуден ни прекршок. Тоа е неприфатливо,” додаде тој.
Клубот: Претрпевме спортска и економска штета
Новото официјално соопштение од клубот, иако посмирен во тонот од јавниот настап на Лапорта, сепак го пренесува чувството дека клубот систематски е оштетен. “Клубот смета дека во текот на двете средби од четвртфиналето се донесоа неколку судиски одлуки кои не се во согласност со Правилата на игра, а кои произлегоа од погрешна примена на прописите и недостаток на соодветна интервенција на ВАР системот во акции од очевидна важност”, се наведува во соопштението.
Барселона дополнително тврди дека тие грешки не биле само привидни туку радикално го промениле текот на натпреварувањето. “Според мислењето на Барселона, повеќе од тие грешки имаа директно влијание врз текот на натпреварите и конечниот исход, што му нанесе значителна спортска и економска штета на клубот,” додаде клубот.
Повик за реформа и транспарентност
Освен што бара поправка за конкретните одлуки, каталонскиот клуб зазема лидерска улога во напорите за подобрување на судиските стандарди низ Европа. Клубот ја потсети УЕФА на претходните жалби и изрази желба за темелна реорганизација на системот за да се избегнат слични проблеми во иднина.
“Со оваа жалба, клубот ги повторува барањата коишто веќе ги упати кон УЕФА и истовремено нуди соработка со цел подобрување на судискиот систем за да се обезбеди поригорозна, поправедлив и потранспарентен пристап во примената на Правилата на игра,” се продолжува во соопштението.
УЕФА ја одби претходната жалба
Минатата недела Барселона беше уште поостра, особено насочувајќи се кон ситуацијата со играта со рака на Пубил во првата средба. Тврдеа дека се работи за чист пенал откако топката беше во игра кога беше допрена со рака, и отидоа толку далеку барајќи официјална истрага, објавување на ВАР аудиозаписите и дисциплински мерки против вклучените судии.
Сепак, одговорот на УЕФА на првиот протест беше брз и одбивен.