
Гостинскиот сектор на стадионот „Хафенштрасе“ во Есен се најде во центарот на вниманието уште пред почетокот на куп-пресметката. Според германските медиуми, навивачи на Рот-Вајс Есен со бетон го блокирале влезот наменет за поддржувачите на Лајпциг.
Покрај блокираниот пристап била оставена и порака: „Биковите мора да останат надвор“. Инцидентот се случил пред натпреварот од второто коло на Купот на Германија, во кој третолигашот Рот-Вајс Есен го пречекува бундеслигашот Лајпциг.
За да го оневозможат отворањето, сторителите истуриле бетон во дрвена рамка што ги поврзувала двете влезни врати. Организаторите веднаш побарале помош од локална градежна фирма за да го оспособат пристапот до трибината.
Интервенцијата завршила неколку часа пред средбата. Клупскиот портпарол за локалните медиуми објаснил дека станувало збор за краткотрајна непријатност и дека проблемот бил отстранет за два часа.
За дуелот закажан во вторник се очекуваат околу 500 навивачи на Лајпциг. Според достапните информации, засега нема извештаи за приведени лица во врска со блокирањето на гостинскиот влез.