
Жозе Мурињо, во својот втор мандат како тренер на Реал Мадрид, се обидува да ја врати дисциплината и работните навики во тимот. Португалскиот тренер во интервју за Ел Чирингито откри дел од правилата што ги вовел по враќањето во клубот. Тој бара од играчите да пристигнуваат во тренинг-центарот Валдебебас најмалку еден час пред тренингот, а нивната исхрана и работата на превенција од повреди се значително построго контролирани.
Мурињо смета дека нема ништо револуционерно во тоа. Фудбалерите доручкуваат под надзор на клубскиот нутриционист, а секој ден треба да поминат дел од времето во теретана работејќи на превенција од повреди. „Да се каже на играчите дека треба да дојдат еден час пред тренингот, а не пет минути пред, е здрав разум. Тоа е денешниот фудбал”, изјави Мурињо.
Португалецот бара од играчите голема посветеност, но сличен режим применува и кај себе. Откри дека понекогаш воопшто не заминува од тренинг-центарот на Реал по завршувањето на работниот ден, туку таму преспива.
Објасни дека ситуацијата е различна од неговиот прв мандат во Мадрид. Тогаш неговите деца беа мали и семејството живееше заедно, а денес неговиот син и ќерка имаат 29 и 26 години и живеат во Лондон. Неговата сопруга поради тоа многу време минува со нив.
Кога семејството не е во Мадрид, Мурињо го минува голем дел од денот во Валдебебас. Ако работата заврши околу 18 или 19 часот, вели дека често му е практично едноставно да остане таму. “Не сакам да кажувам дека работам во Реал Мадрид. Повеќе сакам да кажам дека работам за Реал Мадрид”, порача тој.