
Трансферот на Жан-Филип Матета во Кристал Палас и натаму е предмет на правно несогласување со неговиот поранешен адвокат. Според „Л’Екип“, Пјер-Анри Бовис од францускиот напаѓач побарува 540.000 евра во спор што трае веќе пет години.
Во средиштето на случајот е продолжувањето на договорот на Матета со Мајнц од јуни 2019 година. Бовис тврди дека тој ги водел преговорите и дека според тогашниот договор требало да добие 10 отсто од надоместокот поврзан со идниот трансфер на фудбалерот.
Соработката меѓу двајцата завршила во јули 2020 година. Матета во 2021 година замина на позајмица во Кристал Палас, а англискиот клуб една година подоцна го откупи неговиот договор. Поранешниот адвокат смета дека раскинувањето на соработката не го поништува неговото право на исплата.
Матета ги оспорува побарувањата, а неговите правни застапници ги доведуваат во прашање важноста на документот и времето на неговото составување.
Бовис првично добил одлука од Адвокатската комора во Париз со која била наложена исплата. Сепак, Апелацискиот суд во Париз во 2023 година ја укинал таа одлука, оценувајќи дека е потребно дополнително да се испита важноста на договорот.
Напаѓачот поднел и кривична пријава поради наводно фалсификување. Првичната пријава била отфрлена, по што следувале дополнителни правни постапки. Засега нема конечна разрешница за спорното побарување.
Фото: Bryan Berlin / Wikimedia Commons, CC BY-SA 4.0