
Џери Кардинале нема намера да го продаде Милан, а следниот чекор го гледа во создавање приходи што ќе му овозможат на клубот да се бори за најдобрите фудбалери во светот. Сопственикот на „росонерите“ порача дека сака редовни титули во Италија и враќање меѓу европската елита, без долго чекање.
Основата за тие амбиции е новата холдинг-компанија „Милан спортс енд ентертејнмент“, која „РедБирд“ ја формираше во петокот. Под нејзиниот покрив се обединуваат инвестициите во Милано, од фудбалскиот клуб до плановите поврзани со НБА Европа и други спортски и комерцијални проекти.
Во разговор за „Газета“, Кардинале објасни дека целта е Милан да добие финансиска сила со која ќе може да им конкурира на најмоќните клубови на трансфер-пазарот. Не сака при изборот на фудбалери главната пречка да биде одговорот дека клубот не може да си ги дозволи.
Според него, токму приходите се клучната разлика во однос на премиерлигашите, кои можат да издвојуваат огромни суми за врвни засилувања. Новиот стадион, проектот во Сан Донато и можниот влез во НБА Европа треба да помогнат таа разлика да се намали.
„Никогаш нема да го продадам Милан. Никогаш“, нагласи Кардинале, ставајќи до знаење дека неговите планови се долгорочни.
Тоа, сепак, не значи дека е подготвен долго да чека на спортски успех. Неговите цели се Милан постојано да освојува скудета и да се врати во Лигата на шампионите, а новата компанија ја смета за финансиска основа за таков чекор.
Кардинале се наврати и на изразот „Берлускони 2.0“, кој го употребил кога го купил клубот. Објасни дека не сакал лично да се споредува со Силвио Берлускони, туку да укаже на намерата Милан повторно да помине низ голема преобразба, приспособена на современиот спортски бизнис.
Во таа насока ја гледа и изградбата на новиот стадион заедно со Интер. За Серија А, пак, смета дека патот кон посилна европска позиција води преку подобро деловно планирање и нови приходи. Затоа не ја сметал за добра опција продажбата на 30 проценти од меѓународните комерцијални права во рамките на понудата на „Џеј Пи Морган“.
Значаен дел од планот е и можната кошаркарска франшиза во НБА Европа. Кардинале очекува првата група нови европски франшизи да биде објавена кон крајот на годината или во првите месеци од 2027 година. Според неговите информации, НБА разговара со Евролигата, но верува дека проектот ќе почне и доколку нема договор.
Во Сан Донато веќе располагаат со земјиште и дозвола за арена со капацитет од 20.000 места. Доколку добие франшиза за Милано, вели дека работите би можеле да започнат релативно брзо. Паралелно се разгледуваат можности во тенисот, вклучително и организација на турнир во градот.
Дополнителни приходи треба да донесе и компанија за угостителски услуги и управување со спортски објекти. Кардинале сака да примени модел сличен на „Леџендс хоспиталити“, компанијата што ја основал во 2009 година со Њујорк јенкис и Далас каубојс. Тој модел опфаќа премиум-седишта, ложи, продажба на производи и услуги за храна и пијалаци, а во Италија би можел да се развива со уште еден клуб.
Кардинале го презеде Милан летото 2022 година за 1,2 милијарди евра, неколку недели по освоената шампионска титула.
Фото: Football Italia