
За титулата нов европски шампион ќе се борат Интер и Пари Сен Жермен, кои ќе се сретнат на 31 мај на Алијанц арената во Минхен во финалето на Лигата на шампионите.
Тоа е исходот од полуфиналните реванш натпревари во кои можевме да уживаме претходните две вечери. Интер во вкупно 210 незаборавни минути успеа да ја елиминира Барселона, откако по 3:3 во Барселона, па 3:3 во регуларните 90 минути на реваншот, успеа во продолженијата да постигне победа од 4:3 и со вкупен резултат од 7:6 да се пласира во финалето.
Ниту на Пари Сен Жермен не му беше лесно против Арсенал, иако оствари две победи (1:0 и 2:1), затоа што „топџиите“ со својата игра покажаа дека работите можеа да одат и во друга насока.
Ден потоа, во разговор за „Газета дело Спорт“, своите очекувања пред финалето помеѓу Интер и Пари Сен Жермен ги изнесе Фабио Капело, славниот италијански стратег, човекот кој во 1994 година со Милан ја освои европската титула.
Фабио Капело смета дека Квича Кварацхелија ќе биде најголемата закана за Интер во финалето на Лигата на шампионите.
„Кварацхелија е најопасниот играч“, рече Капело и даде подетална анализа на останатите играчи од кои многу очекува од двете страни.
Првин за Интер.
„Многу пораснаа во последните натпревари против Баерн Минхен и Барселона, стекнаа самодоверба и ја подобрија својата ефикасност. Покажаа вистински менталитет и фокус.
Ќе биде тоа рамноправно финале, но сѐ започнува од средината на теренот. Триото на Инзаги се мачеше во Барселона, но одиграа добра игра во вторникот. Середните играчи на Интер ме импресионираа дури и ако е разбирливо што не се во најдобра форма на крајот од сезоната. Интер може да се потпре на Лаутаро и Турам во нападот, тоа е уште еден позитивен фактор кој не треба да се занемари“.
Што е со Пари Сен Жермен?
„Мора да почнете со голманот, кој му помогна на францускиот тим да дојде до финалето.
Меѓутоа, покрај Донарума, тимот на Луис Енрике е добро урамнотежен и има многу силен среден ред. Не се физички импресивни, но имаат врвна динамика и тактичка свест. Веднаш притискаат, обидувајќи се да ја освојат топката, иако изгледаа малку вознемирени поради пресингот на Арсенал.
Тандемот, Дембеле и Кварацхелија се одлични дриблери и можат да ве казнат ако не се справите добро со нив.