
Македонскиот шампион МЗТ Скопје продолжува со формирањето на тимот за новата сезона, а најново засилување е американскиот плејмејкер Ноа Фарахан, кој денеска и официјално стави потпис на договорот со аеродромци.
Како ПАМЕТНО да типувате на World Cup 2026!
Фарахан зад себе има солидно европско искуство, откако минатата сезона настапуваше за неколку клубови. Сезоната ја започна во Студент од Босна и Херцеговина, а потоа ги бранеше боите на Игокеа и Борац Бања Лука, пред да ја заврши во словачки Комарно.
Својата колеџ-кариера ја градеше во редовите на Источна Каролина, а подоцна настапуваше и за Вест Вирџинија и Хемптон пајратс. Минатото лето доби можност да се претстави и во Летната НБА-лига, каде што одигра четири натпревари во дресот на Сан Антонио.
Американецот е второто странско засилување на клубот ова лето, по ангажманот на босанскиот центар Емир Крајиниќ. Во тимот остануваат и искусните Дамјан и Војдан Стојановски, Андреј Маслинко и Андреј Андоноски, додека во клубот се вратија Лука Стојановски и Никола Василевски.
Во претстојната сезона МЗТ Скопје ќе се натпреварува во домашното првенство и Купот, како и во АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.